1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ди Цајт: "Шоуто е завршено"

9 јануари 2004
https://p.dw.com/p/AcQm
Шоуто е завршено - под ваков наслов, неделникот Ди Цајт, анализира - дали незаинтересираноста за политката ќе расте во годината 2004-та или пак можеби политиката сепак ќе си го најде своето место во дневните соби. Зошто 2004-та нема да биде година на политичка немарност, во текстот на Бернд Улрих.

Сите духови од старата година, се чини со несмалена енергија се внесуваат во новата невина 2004-та: здравството, пензиите, даноците, Вестервеле, Штојбер, Меркел, Шредер и сега уште и иновацијата - има ли милост? Разбирливо е што многумина не сакаат да се интересираат за политика. Конечно секој насетува, не секој знае, дека напрегнатоста продолжува - оние што гледаат како политиката ја менува земјата, и таа - политиката која ја менува земјата. Ние сме тешки работници, кои навечер на вестите гледаат тешки работници.

Дотука е човечки. Но, оваа одбрана од политиката оди дотаму, што некои професионални набљудувачи на политичката 2004 година не и' даваат ниту најмала шанса. Година на илузии, наслови "Шпигел". Што може едноставно годината, кога ние сме уморни? Ваквите предрасуди се повеќе од зачудувачки, зашто од што би живееле политичките уредници, ако не од тоа да ја направат политиката интересна? Дали е навистина толку лошо? Силен аргумент во таа насока е оној дека во оваа година нема да може да се води сериозна политика. 14 избори. На златните правила на сојузната република припаѓа и она дека вакви изборни години се загубено време, зашто само се зборува и се залажува. Но, дали токму минатата година не покажа дека ваквите правила можат да бидат надминати?

Не смееш да се определиш, особено не содржински - гласеше една од празните реченици на политичкиот бизнис. А, Ангела Меркел важеше за една од најверните служители на ваквото правило. Минатата година таа го прекрши, со тоа што застана зад предлогот на Херцог и со тоа мораше да усогласи цела низа радикални содржини. Конечно, о какво чудо, таа воопшто не загуби на влијание, напротив - таа енормно доби. Значи, со содржина може да се добие. Интересно.

Не смееш јавно да се премислуваш, и ако веќе тоа го правиш, тогаш не покажувај несигурност. И тоа е едно од златните правила. Тоа го направи постојаното менување на курсот на владата - неподносливо. И канцеларот беше принуден, од страна на бројките, медиумите и некои советници, на менување на филозофијата. Негов концепт порано беше - немање концепција. Денеска тој надворешно-политичките предности на земјата ги надополнува со внатрешно-политичките реформи, и новата социјална политика ја комплетира со нова иновациска офанзива. Одвај веројатно, но сепак вистинито!

Колку повеќе консензус-република, толку помалку движење! И ова наводно Фаустово правило не важеше сосема во мината година, особено не во декември. Тогаш во посредничката комисија се сретнаа сите можни интереси и актери - толку многу Германија на толку мал простор, а сепак од тоа нешто излезе! Не доволно природно, но повеќе од вообичаено.

Германија, затоа што вака веќе не оди, си ги пишува наново своите правила. Зошто, значи, не би била интересна и годината 2004-та? Револуционерната сила на проблемите е тука, а покрај тоа на планот се и изборот на сојузен претседател, проширувањето на ЕУ кон исток, конјуктурата која полека заживува. Се разбира дека има мотиви кои одвраќаат од политиката, но тие имаат помалку врска со 2004-та отколку со долгорочните трендови.

Прво, губењето на харизмата од генерација до генерација. Колку помлад, толку поблед - тоа во просек важи насекаде. Само што во политика, која постојано е во студио, на емисија, и се гледа од речиси сите, дури и со крајот на окото од оние што не се интересираат, тоа е особено очигледно! Сепак, едно општество, кое по долго време на балгосостојба носи помал број харизматичари, мора да научи и да живее со тоа. Јавност која станува се' порасеана и похектична, води до тоа политиката да биде инсценирана како шоу. Тоа возбудува краткорочно, но на долги патеки води до загуба на веродостојноста. Публиката сака инсценирање, но никогаш не смее да добие чувство дека тоа преовладува.

Следните години можеби ќе донесат повторно раѓање на една стара политичка навика - да се размилсува алтернативно. Политиката мора секогаш да исполни три функции - таа мора да ги решава проблемите, мора да практикува владеење, и мора да ги изведе луѓето на голема сцена. Денеска повеќе од кога и да е порано. Зашто, во кој медиум инаку општеството ќе може да се договори за тоа што е добро, а што не, што е тоа што го возбудува или што го право уморно? Која друга сфера има толкав степен на општост и познатост, како политиката? Само ако општеството го загуби интересот за голем саморазговор и политиката ќе престане да биде интересна. Но, тоа во догледно време нема да биде случај. Особено не во годината 2004-та.

Политичката немарност е значи мода од вчера, отприлика исто како и барањето на синдикатот на металците за 35 часовна работна недела.