1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доаѓа Обама - Берлин во „вонредна состојба“

Бетина Маркс/ Жана Ацеска18 јуни 2013

Американскиот претседател Барак Обама вечер (18.06) стигнува во Берлин и ќе остане само 25 часа. Но, речиси една недела владее „вонредна состојба“. Полицијата ги советува граѓаните да го заобиколуваат центарот на градот.

https://p.dw.com/p/18rii
eitungenФотографија: picture-alliance/dpa

Уште од минатиот викенд пристапот до плоштадот пред Бранденбуршаката порта е ограничен. На тротоарите не смеат да се паркираат велoсипеди. Насекаде има метални огради и полициски возила. Дури в петок улиците ќе бидат повторно слободни. Дотогаш возачите на автомобили и велосипеди мора да сметаат на големи обиколки. Во центарот на градот на неколку часа ќе бидат запрени и трамваите и метрото. Владее највисок степен на безбедност, 1+. Ангажирани се илјадници германски полицајци, кон што треба да се додадат и службениците за безбедност на претседателот, кои уште претходно се погрижија за спроведување на нивните строги безбедносни стандарди. За Обама да биде безбеден за време на краткото возење низ Берлин, тие го донесоа дури и неговиот автомобил, тешко блиндиран Кадилак, наречен „Ѕвер“. На покривите долж рутата која ќе ја има колоната на претседателот, ќе бидат поставени снајперисти. Дури и берлинскиот воздушен простор ќе биде затворен за време на слетувањето и полетувањето на авионот на Обама.

Во последните години Обама трипати беше во Германија, во април 2009 во Баден Баден и Кел на Рајна, во јуни 2009 во Бухенвалд, Дрезден и во американската воена болница во Ландсхут во Пфалц. Но, ова е негова втора посета на Берлин, прва откако е претседател. Последен пат Обама беше во Берлин во 2008 година, како кандидат за американски претседател, кој беше поздравен како некоја поп-ѕвезда. Во Берлин тогаш се собраа 200 илјади граѓани за да го видат и слушнат првиот американски претседателски кандидат со црна боја на кожата.

Кандидатот на Демократите тогаш сакаше да одржи говор на историското место пред Бранденбуршката порта. Но, германската канцеларка Ангела Меркел оваа чест сакаше да ја резервира само за избраниот претседател, па кандидатот мораше да се задоволи со локацијата оддалечена неколку стотици метри - Столбот на слободата.

Obama in Berlin Vorbereitungen Ritz Carlton Hotel
Фотографија: picture-alliance/dpa

Говор пред поканети гости

Оваа година Обама, во меѓувреме со малку побелена коса, ќе зборува пред Бранденбуршката порта. Но, овојпат не може да стане збор за некаква „Обаманија“ како пред пет години. Во публиката ќе има само 6 илјади поканети гости: политичари, дипломати, претставници од стопанството и општествениот живот и едно одделение ученици од училиштето Џон Кенеди во Берлин. Јавноста ќе може да го следи говорот на Обама само преку домашните телевизори. Таа ќе биде отсечена од настанот, исто како и мнозинството новинари од главниот град, кои поради опсежните безбедносни мерки и ограничениот број на места настанот ќе го следат само од далеку.

Не е предидено ни поставување видео-бим, за Берлинчани кои ќе бидат далеку од местото да можат сепак да го следат говорот. Дури и станарите во зградите на плоштадот во центарот на Берлин не смеат да го следат говоорт од своите балкони или прозорци. Во време додека Обама ќе зборува, сите прозорци и врати кои гледаат кон Паризер плац ќе бидат заклучени.

Обама се‘ уште популарен во Германија

Прашање е меѓутоа дали Обама вторпат би можел да собере стотици илјади луѓе. Зашто, возбудата околу првиот американски претседател со црна боја на кожата во меѓувреме се преточи во нормалност. Сепак, носителот на Нобеловата наградаза мир во Германија и сега ужива висок углед. Според анкета на интернет изданието на „Цајт“, ако би можеле, во Германија 65 проценти би гласале за него. 42 проценти дури го сметаат за поуспешен од канцеларката Меркел, посебно добро Обама поминува кај жените.

Но, постојат и критики на сметка на американскиот претседател. Синоќа во Берлин на протести се собраа стотина демонстранти. Тие се против употребата на беспилотни летала во целно убивање на луѓе и против прислушувањето и надгледувањето на телефонските и интернет комуникациите од страна на американските тајни служби. Демонстрантите бараа ослободување на Бредли Менинг, кој и‘ достави тајни информации на интернет платформата Викиликс за американските воени акции и на кого сега му се заканувадоживотен затвор.