1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Добар ден за демократијата во Македонија

Силвера Падори23 март 2009

Германските парламентарци ги поздравија мирните избори во Македонија. Според нив ова е добра порака за Брисел и за евроинтеграцијата на земјата.

https://p.dw.com/p/HHrL
Пратеникот на СПД, Рајнер Штинер

Според германските политичари, многу позитивно тоа што изборите во Македонија минале во фер и мирна атмосфера. Пратеникот на социјалдемократите Детлеф Дзембрицки, за „Дојче Веле“ изјави дека е радосна вест тоа што гласањето поминало без инциденти.

„Независно од резултатите ова е чекор до Европа. По минатодишните парламентарни избори постоеше загриженост за тоа каков ќе биде натамошниот развој на земјата. Сега гледаме дека Македонија и граѓаните имаат голем интерес за развивање на демократските процеси. Се на се’, ова беше успешен ден за демократијата во Македонија“, изјави социјалдемократот Дзембрицки.

Тој не е изненаден дека ќе има втор круг на претседателските избори, но и покрај големата предност на кандидатот на владеачката партија, овој пратеник не може да се прогнозира исходот.

Штинер: важна порака за Европа

Според либералот Рајнер Штинер, мирниот тек на изборите во Македонија е важна порака за Европа.

Doris Pack
Европратеничката Дорис ПакФотографија: dpa

„Ова е значаен сигнал, особено по минатогодишните инциденти за време на парламентарните избори,“ рече Штинер за „Дојче Веле“. И за него не е изненадување тоа што Иванов го добил мнозинството од гласовите. „Но, секако мора да се почека вториот круг. Иако јас мислам дека тој и тогаш ќе ја однесе победата“, прогнозира либералот Штинер.

Пак:тест за демократската зрелост

Европарламентарката Дорис Пак изрази задоволство од текот на изборите во Македонија.

„Имам вчепаток дека сега сите сфатија дека овие избори беа тест за демократската зрелост на земјата“, рече Пак за „ДВ“. Според неа нема многу разлика во програмите на двајцата кандидати кои одат во вториот круг, поради што за изборот ќе биде решавачки личниот впечаток кој тие ќе го остават врз избирачите.

„Мислам дека кога избирачите се изјаснуваат за претседател, на крајот довербата му ја даваат не на претставник на оваа или онаа партија, туку на човекот од кого очекуваат надпартиски да ги решава сите прашања кои се битни за земјата, кој ќе биде гласот на народот, како кај нас во Германија. И тоа е задача на претседателот. Претпоставувам дека граѓаните помалку ќе гледаат на која партија и припаѓа кандидатот, туку кој подобро ќе ја претставува Македонија во светот,“ нагласи Дорис Пак.