1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

040609 Dresden Obama

5 јуни 2009

По посетата на Каиро, Барак Обама денеска (05.06.2009) е во посета на Дрезден. За посетата на „најмоќниот човек на светот“ важат и посебни безбедносни мерки. Градот со недели се подготвува за овој ден. Како?

https://p.dw.com/p/I3aK
Обама вчера слета на аеродромот во ДрезденФотографија: AP

Авионот на Обама вчера слета на аеродромот во Дрезден, каде под најголеми безбедносни мерки беше пречекан во полициска придружба. Според податоците на дрезденската полиција, за безбедноста на Обама се грижат повеќе од четири илјади припадници на полицијата во акцијата наречена „Каналето 2009“. Сите имаат една цел - да обезбедат најголемо ниво на заштита за „најмоќниот човек во светот“. Дрезден имаше само четири недели за подготовка, бидејќи американската влада дополнително се одлучи по посетата на Блискиот Исток, Обама да допатува и во Европа. Вообичаено, посетите од толку висок ранг се најавуваат најмалку една година претходно. Портпаролот на полицијата, Томас Гајтнер, за краткото време за подготовка вели:

„Формиравме еден вид штаб за подготовка, во кој влегоа претставници на германската прес-служба, службата за борба против криминалот и претставници на американската влада, кои работеа заедно со властите во покраината Саксонија. Штабот брои педесетина лица, кои деноноќно работат на подготовките“.

Центарот блокиран

Во изминативе денови најмногу внимание беше посветено на тоа - жителите и оние кои работат во центарот на Дрезден да се подготват на ограничувањата со кои ќе се соочат во деновите додека Обама е во градот. Со цел да се одговори на лавината прашања, властите поставија информативен штанд во близина на црквата Фрауенкирхе, „Женската црква“. Градските службеници тука им стојат на располагање на граѓаните и нивните прашања. Покрај тоа, воведена е и специјална телефонска линија, соопшти портпаролот на полицијата Гајтнер.

BdT Frauenkirche Dresden Diashow
Познатата „Женска црква“ во ДрезденФотографија: AP

„Прашањата се мошне разновидни. Граѓаните сакаат да знаат дали во текот на посетата на Обама ќе функционира аеродромот во Дрезден. Претпријатијата сакаат да знаат дали на овој ден можат да вршат истовар на стока. Оние кои живеат во центарот прашуваат како ќе стигнат до своите домови, а мора да се обезбеди пристап и за возилата за брза помош“, вели Гајтнер.

Но, властите се` уште не даваат информации дали целиот центар на Дрезден денеска ќе биде блокиран. Во секој случај, безбедносните мерки се огромни. Мора да бидат исклучени сите можности за евентуален напад.

Градот мора да свети!

BdT Deutschland Dresden Wetter Altstadt und elbe
За разлика од сонцето во Каиро, Обама во Дрезден го очекува облачно времеФотографија: AP

И покрај сите блокирани патишта на кои наидуваат овие денови, жителите на Дрезден се среќни што Обама го посетува токму нивниот град. Дрезден се надева и дека посетата на американскиот претседател ќе придонесе за реклама на саксонската метропола. Хајке Гросман, портпарпол на Град Дрезден, вели:

„Се надеваме дека ова ќе го направи Дрезден уште попознат во САД и ќе ни` донесе туристи оттаму. Затоа сакаме градот да го претставиме во најдобро светло.“

Тоа значи да се поправат сите дупки на патиштата и да се отстранат сите градилишта од централното градско подрачје.

Автор: Изабеле Фабијан / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска