1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Добрите борачи се создаваат

3 мај 2010

Македонија порано имаше успеси во спортската дисциплина борење, БК „Скопје“ беше извор на шампиони. Дали можат да се повторат поранешните резултати и да се врати стариот сјај на клубот?

https://p.dw.com/p/NDCn
Шабан Сејдиу во разговор со новинарот Златко КалинскиФотографија: Zlatko Kalinski

Неодамна завршеното европско првенство во борење-слободен стил, кое Македонија го заврши без освоен медал, но со солидните 5 и 7 место на Богданов и Митрев, е повод за сеќавањата на едно од најсилните јадра на овој спорт во Македонија. Сеќавање на борачкиот клуб „Скопје“, на изворот на шампиони во серија, кој денеска е само име на хартија кое паѓа во заборав.

Од малата сала во Автокоманда во 70-те, 80-те, 90-те години се изнедруваа Шабан Трстена и Шабан Сејдиу, Ристо Дарлев, Ердинч Ризаов,Чороли, големи борачки имиња.

Шабан Сејдиу, двоен олимписки носител на медали, подемот на клубот го врзува за стручната работа на двајца тренери:

„Боречкиот клуб „Скопје’ функционираше најмногу поради квалитетните личности кои работеа во него. Тие го сакаа спортот. Тоа најмногу се однесува на тренерите Ристо Таков и Ментас Алајбегу.“

Ердинч Ризаов-Пате, познатото македонско име во борењето, екс-репрезентативец дополнува:

„Борењето во БК ’Скопје’ се создаваше, а тоа го правеа Ментас Алајбегу и Ристо Таков. Тие макотрпно работеа во клубот, создаваа борачи постојано и многу квалитетни. Би ги споменал само Шабан Сеидиу, Ристо Дарлев, Чороли, Трстена, кој започна во школата на Алајбегу и стигна резултатски многу далеку. Сега нема кој да работи, да создава борачи со таков квалитет.“

Постојат предуслови за добри резултати

Erdinch Rizaov-Pate ehemaliger mazedonischer Wrestler
Ердинч Ризаов-ПатеФотографија: Zlatko Kalinski

Комуникацијата со светот, условите за настапи на борачите на „Скопје“, Сејдиу ги истакнува како силен предуслов за добри резултати.

„’БК Скопје’ учествуваше на сите првенства од државен карактер, во европските купови, потоа на индивидуалните меѓународни шампионати. На нив учествуваа навистина најдобрите борачи. Во тоа време немаше големи финансиски потешкотии за да се учествува. Настапите имаа голема своја тежина, а резултатите тоа го покажуваат.“

Причините за падот на квалитетот, Ризаов меѓу другото ги лоцира и во погрешната кадровска политика.

„Борењето почна нагло да тоне по доаѓањето на Насе Насев како селектор, тренер, главна личност во овој спорт, а истовремено ги отстрани оние кои претходно создаваа добри борачи и резултати. Според мене, борачот се создава со макотрпна работа!“

Можен ли е стариот сјај?

Може ли „Скопје“ да се врати на старите позиции? Потребно е многу, велат нашите соговорници.

Сејдиу вели: Да, но со вистински луѓе:

„Клубот да се обнови со вистински луѓе, кои го сакаат спортот. Да се формираат школи со поткрепа на државата!“

Ризаов враќањето на сјајот на БК „Скопје“ го гледа како долг процес со многу работа:

„Би бил многу среќен ,ако се врати барем дел од клубот, каков што беше порано. Со работа и само работа, гледам спас на БК ’Скопје’!“

Борачкиот клуб „Скопје“, малиот клуб од населбата Автокоманда, некогаш со највисоки спортски дострели, е дел од стварноста за исчезнувањето на македонските спортски брендови.

Автор: Златко Калински

Редактор: Жана Ацеска