1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Konjunktur

28 јули 2009

Германската конјуктура излегува од рецесивниот тренд порано од очекувањата. Се чини дека стопанството се наоѓа дури на изненадувачки силен курс на пораст.

https://p.dw.com/p/IyAU
Лентите во Фолксваген повторно се движатФотографија: AP

Фазата во која веќе стагнацијата беше добра вест е минато, дното на економската бездна во Германија се чини е надминато. Се’ уште не може да се зборува за конечен спас, но стопанството полека почнува да заздравува и да покажува тренд на стопански пораст. Тоа накусо се должи на огромните програми на владата за надминување на кризата, како и на постепеното опоравување на светската економија. Но, има и уште еден фактор: имено, голем број германски претпријатија премногу се исплашија од светската криза и презедоа, непотребно, драстични мерки за намалување на производството. Сега увидоа дека паниката била барем делумно непотребна и почнуваат повторно да го нормализираат производството.

Автоиндустријата во лидерска позиција

Тоа може добро да се види на примерот на автомобилската индустрија, која е една од клучните бранши на германското стопанство. Поради државната премија за расходување стари автомобили и купување нови, најголемиот европски концерн Фолксваген, на пример, од месец во месец забележува рекордна продажба - наспроти светската економска криза. По летните одмори и вториот голем производител на автомобили, БМВ исто така планира постепено да го намалува опсегот на принудниот одмор за вработените. А кога ќе почнат со полна пареа да се движат производните ленти во Фолксваген и БМВ, тогаш од тоа ќе живнат и фирмите лиферанти. Токму затоа што минатата зима пресилно ги повлекоа кочниците, сега во некои претпријатија владее вистински производен бум. Воопшто, во германската автомобилска индустрија минатиот месец беше забележан пораст на нарачките за 4,4%, што не било случај во изминатите две години. Овие нарачки доаѓаат пред се’ од земјите надвор од евро-зоната.

EU-Abgasverordnung bringt deutsche Autobauer in Bedrängnis
И во БМВ пак се полираат новите автомобилиФотографија: AP

Подобрени рамковни услови

Добра е состојбата и во малопродажната бранша, која инаку, уште претходно се жалеше на лоши времиња. Причината е зголемената куповна моќ на поголем број домаќинства поради порастот на платите, на пензиите и поради намалените придонеси за здравствено и пензиско осигурување. Ваквите позитивни сигнали, секако, добро ги забележаа и раководните структури на германските фирми, кои во најновата анкета на ИФО-институтот покажаа натамошно зголемување на позитивните очекувања.

Време за одмор нема

Поволните знаци меѓутоа не треба да не’ залажат. Германското стопанство е се’ уште соочено со кризни времиња и над него се’ уште се надвиснуваат големи ризици. На пример, ако принудниот одмор во фабриките не успее да го премости досегашното слабеење на конјуктурата, тогаш претпријатијата би можеле да почнат со поинтензивно отпуштање работници. Со тоа би била загрозена внатрешната побарувачка, која пак, во овој период, се покажа како важен елемент на стабилност. Доколку тоа се случи ќе опаднат приходите во државните, како и во социјалните каси. Поради тоа би дошло до ново презадолжување во буџетот, би се појавиле проблеми со теснец во издавањето кредити и поголем број претпријатија би можеле да се соочат со заканата од неликвидност.

Секако, таквото црно сценарио може, но не мора да се оствари. Во моментов, има повеќе знаци за заздравување на конјуктурата, кое дури може да се покаже поголемо, од она на што можевме да се надеваме пред неколку месеци.

Автор на коментарот: Карл Завацки

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска