1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доброволната воена обврска е навистина предност?

Мартин Кох / Александра Трајковска22 август 2013

Доброволната воена обврска е еден вид курс за запознавање со војничкиот живот. Речиси 30 проценти млади предвремено ја прекинуваат службата. Бундесверот не е загрижен поради тоа, многу поважен му е еден друг податок.

https://p.dw.com/p/19Tra
Фотографија: picture-alliance/dpa

Носталгија по домот, кариера, погрешни очекувања - ова се главните причини поради кои младите ја прекинуваат својата доброволна служба во Бундесверот. Едните забележуваат дека не им се допаѓа да се далеку од домот, другите добиваат понуда за работа или место за студирање. Некои пак секојдневието во касарните си го замислувале поопуштено или не сакаат рано да стануваат, им пречи тоа што се сместени во соби со повеќе луѓе, или пак не го сакаат војничкото вежбање.

Меѓутоа не се само војниците тие кои во првите шест месеци ја користат можноста да го прекинат доброволното служење војска, вели портпаролот на Бундесверот задолжен за персонал, потполковник Михаел Бекхаус: „Кога Бундесверот го прекинува договорот со војниците, тогаш најчеста причина е недоволна здравствена состојба или недостиг на телесна способност“.

Во (маслиново)зелен домен

Високата квота на прекинување на војничката служба за критичарите на доброволна воена обврска не е изненадување. Во времето на воена обврска по отслужување на воениот рок за војничка кариера се одлучуваа само оние кои тоа навистина го сакаа. Тие знаеја што ги очекува и затоа квотата на прекинување на воената обврска беше многу ниска, вели Харалд Кујат, поранешен генерален инспектор на Бундесверот. „Второ, подолго време можевме да ги набљудуваме младите момчиња дали се погодни. Тоа е нешто поинаку отколку кога на располагање стојат само неколку часа. Тоа мораше да се земе предвид, требаше да се предвиди и да се согледа дека овој нов концепт нема да донесе очекувани резултати“, смета поранешниот генерал на воздухопловните сили.

Harald Kujat
Харалд КујатФотографија: picture alliance/ZB

Портпаролот на Бундесверот Бакхаус на оваа аргументација ѝ спротивставува друг аспект. Да, квотата на прекинување на воената обврска е позната, признава тој. Но во други области на образованието исто така тоа е познат феномен и насекаде се наведуваат слични причини. Освен ов,а една друга бројка е многу поинетресна за Бундесверот: „Речиси 30 проценти од оние кои доаѓаат кај нас стануваат професионални војници“.

Oberstleutnant Michael Backhaus
Потполковник Михаел БакхаусФотографија: Bundeswehr

Бундесверот смета на околу 170.000 војници кон кои се додаваат најмалку 5000, а максимално 12.500 доброволци. Исто така, веќе биле регрутирани 80 проценти од 16.000 војници кои вкупно се потребни за оваа година.

Освен тоа, и обвинувањето на некои критичари дека во трупите се собираат само оние кои социјално не успеале да фатат чекор, кои не биле примани на друго место, не е реално, вели Бакхаус. Како пример тој наведува дека речиси половината од регрутите во месец јули имале положено матура.

Борба против лошиот имиџ

Бундесверот изминатите години постојано беше намалуван. Намалувањето од некогашните 250.000 војници на 170.000 војнци значеше и затворање на касарни и со тоа помало присуство во одделни региони во Германија. Затоа германската војска сега не се бори само против талибанците во Авганистан и за слободата и безбедноста на рогот на Африка, туку и за нејзиниот добар имиџ, смета поранешниот генерал Кујат: „Намалувањето на Бундесврот буди впечаток како да се ограничени шансите и перспективите. Исто така и ангажманот во странство - повеќе месеци војнците се одделени од семејствата со ризик по нивниот живот. Ваквата состојба не е позитивна за Бундесверот. Таму не е толку атрактивно како кај работодавците во местото на живеење“.

Bundeswehr Auslandseinsatz Afghanistan
Војници на Бундесверот во АвганистанФотографија: picture alliance / JOKER

Во други земји, како Франција, Велика Британија или САД, војската споредбено има повисок углед меѓу населението. Во Германија постои опасност, смета Кујат, Бундесверот сѐ повеќе да го губи на својот имиџ кај населението доколку сѐ помалку луѓе имаат искуство со служба во униформа. Имено, иако времето минато во Бундесверот не носи со себе само позитивни искуства, кога се навраќаат на тој период повеќето сметаат дека тоа било добивка за нив, убеден е поранешниот генерален испектор. „Овде доаѓаат луѓе од различни области и различни професии и социјални услови. Тоа дава печат за натамошниот живот. Колку е помал Бундесверот и колку е помалку атрактивен, толку помалку ќе се случува и овој ефект на мултипликација“.

Во однос на дебатата околу квотата на прекинување на воената обврска на доброволците Кујат потсетува дека и покрај притисокот за реформи не смее да станува збор само за тоа да се намали бројот на трупите и да се штеди на нивната опрема. Одлучувачки фактор е прашањето какви задачи треба да извршуваат борбените сили. „Се разбира мора да се имаат предвид финансиските работи, но тоа не смее да биде ограничувачки фактор. Во поинаков случај, би барал од војниците да извршат задачи кои воопшто не се во состојба да ги извршат. Тоа не би било политика, туку игра на среќа“.