1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доведени во Европа, оставени на улица!

17 јуни 2010

Тие се млади, талентирани и сакаат да изградат кариера во Европа - младите фудбалери од Африка. Сомнителни посредници за таленти со големи ветувања ги намамуваат во странство, каде ги очекува тажна судбина.

https://p.dw.com/p/Noar
Млади фудбалски таленти од АфрикаФотографија: GTZ

Пјер од Камерун игра фудбал со уште неколку момчиња на прашливото игралиште во Св. Дениз покрај Париз. На паузата на полувремето тој беспомошно ги крева рамениците и ја раскажува својата приказна: „Дојдов кога имав 14 години, сосема сам. Го напуштив семејството, поради мојот сон да станам фудбалер. Се жртвував и ризикував многу!“

Неостварени соништа

Torjubel auf Fußballplatz in Kamerun
Децата во Камерун го сакаат фудбалотФотографија: Dirk Bathe

Еден тренер-ловец на таленти му ветувал многу на африканскиот млад фудбалер во неговата татковина. Му рекол дека ќе игра за познати клубови во Европа. Пјер му поверувал на тренерот: „Со тешки маки собрав за авионски билет дотука. Оти кој сака да изгради фудбалска кариера, мора да дојде во Европа. Тоа го знае секој!“ Но, сонот не му се оствари. Пјер има 20 години. Досега неколку пати играше за подмладокот на клубот од Пари Сен Жермен. Но, потоа за жал се повреди: „Ми ветуваа дека ќе ме примат во клубот. Но, кога се повредив повеќе не сакаа. самиот морав да платам за операцијата, рехабилитацијата беше скапа, а јас бев сосема сам!“

Жан-Клод Мбвоумин знае многу судбини како оваа на Пјер. Поранешниот национален играч од Камерун се грижи за заборавените млади фудбалери од Африка: „Тоа е трговија со деца. Засегнати се пред се‘ младинци, кои имаат 15 до 16 години и лесно може да бидат искористени. Агентите им ветуваат професионални договори. Сепак, клубовите не можат да чекаат младиот Африканец да се навикне. Затоа тие често повторно се отпуштени.“

ФИФА ги заостри прописите

Според проценките на Мбвоумин, во предградијата на Париз живејат повеќе илјади африкански фудбалери. Тие се дојдени со надеж за кариера, намамени од агенти измамници. Мбвоумин и неговото здружение „Фут Солиде“ помагаат, најпрво сосема практично: „Ние даваме совети, ги сослушуваме младинците и се обидуваме да најдеме решенија. Но, најчесто тоа е само прва помош!“

FIFA Kongress in Zürich
Претседателот на ФИФА Сеп БлатерФотографија: AP

Откако Мбвоумин и неговата организација укажаа на проблемот со измамените фудбалери, беа преземени мерки. ФИФА, Меѓународната фудбалска федерација ги заостри прописите. Трговијата со деца во фудбалот е строго забранета, но како може да се надгледува? Жан-Клод Мбвоумин е скептичен: „Полицијата не може да ги надгледува ни клубовите, ниту агентите на играчите. Но, Фифа може да ја искористи својата моќ што ја има во медиумите, а соучесниците мора да ја согледаат својата одговорност.“

Голема шанса е тоа што Светското фудбалско првенство сега се одржува токму во Јужноафриканската Република, вели Жан-Клод Мбвоумин. Но, тоа е исто така и опасност, поради тоа што привлечната моќ на фудбалот, а со тоа и на Европа, ќе биде уште поголема за младите фудбалери во Африка: „Тоа се случи овде во Франција, по СП во 1998 година. Тогаш одеднаш сите сакаа да играат фудбал. Истото ќе се случи и во Африка, само што ќе биде со поголеми размери и полоша организација. СП е подарок за Африка, кој не смее да биде отровен. Стравуваме дека состојбите во фудбалот ќе се влошат кога ќе се исклучат рефлекторите.“

Автор: Ангела Улрих/ Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска