1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договорот за буџетот на ЕУ - гнил компромис

Коментар: Кристоф Хазелбах/Превод: Ж. Ацеска 9 февруари 2013

Претставниците на владите на членките на ЕУ постигнаа договор околу буџетот до 2020 година. Со него никој не е целосно задоволен. А тоа е веќе многу. Но, се работи за гнил компромис, смета Кристоф Хаселбах во коментарот.

https://p.dw.com/p/17bLZ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Тоа беше тешко породување. За конечно да вроди со плод, беа потребни два самити на врвот, напорни седници и многу подочници. Дури тогаш беше постигнат догвоор околу буџетот во идните седум години. И покрај тоа, резултатот е разочарувачки. Поради разно-разни закани со вето, требаше да се задоволат пред се‘ трите големи интересни групи на земјите. Богатите држави од северот инстистираа на намалување на целиот буџет. Тука британскиот премиер Дејвид Камерон, како и при преговорите во ноември 2012, не сакаше да попушти, зашто на внатрешнополитичката сцена е ставен под голем притисок. Навистина, првпат идниот буџет треба да биде помал од актуелниот. Втората група земји ја сочинуваат оние со силно земјоделство, пред се‘, Франција, кои бараа субвенции. А третата група земји од југот и од истокот се плашеше од намалување на субвенциите за сиромашните региони.

Некои од земјите се наоѓаат во различни групи согласно своите интереси, што уште повеќе го компликува судирот. Така, Германија, претставувана од канцеларката Меркел, застапува намалување на буџетот, додека нејзината министерка за земјоделство и натаму би ги субвенционирала земјоделците како и досега. А, се‘ повеќе земји бараа и посебни „попусти“. Велика Британија, се разбира, сака и натаму да го задржи својот „вечен попуст“.

Сметка без крчмар

Едно единствено вето беше доволно да пропадне целиот договор. Претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпој поради тоа имаше неблагодарна задача: мораше да им удоволи на сите. На крајот, нему тоа очигледно и му успеа, и покрај минималниот маневарски простор. Цената која мораше да ја плати се - погрешни приоритети. Зашто, на крајот буџетот беше скусен на подрачјето на истражувањата, образованието, големите интернационални инфраструктурни проекти. А токму тоа би можело Европа да ја одведе нанапред. Тоа крајно би била поефикасна помош против високата невработеност на младите отколку оганчето кое кратко ќе трае, а е запалено со голема помпа. Од друга страна, високите аграрни субвенции го спречуваат пазарниот натпревар, тие се симбол на вчерашна Европа.

Porträt Christoph Hasselbach DW Studio Brüssel
Кристоф ХаселбахФотографија: DW

Потребно е преиспитување и на смислата на бројни проекти на структурни поттици во слабо развиените краеви на Европа. Со децении се водеше таква поттикнувачка политика во Шпанија, Португалија и Грција, но таа не ги промени тамошните структурни слабости.

Се‘ поголема дупка во касата

Слабостите на досегашниот систем, расфрлање со пари и премалку вложувања во иновативните подрачја за иднината, се познати. Но, за секој шеф на влада, кога ќе се врати дома, да може да се пофали со победа и да не дојде до празни раце, за учесниците на самитот беше неизбежна согласноста овој гнил компромис. И не само тоа, повторно дозволија обврските за плаќање да останат непокриени. Притоа, бриселската каса веќе и во овој буџет за 2013 година е прилично празна, зашто земјите не го плаќаат она што ветија дека ќе го платат. ЕУ така со себе влече се‘ поголема дупка во благајната, која воопшто не смее да ја има.

Парламентот со ас во ракавот

Сега сите очи се вперени во Европскиот парламент. Првпат во историјата, за повеќегодишен буџет, како што официјално се нарекуваат пресметките за период од седум години, свој благослов мора да даде и Парламентот. Неговиот претседател Мартин Шулц недвосмислено даде до знаење дека нема да дозволи да биде искористен како марионета која само клима со главата. Досега пратениците од големите партии сигнализираа неприфаќање на значајни резови во буџетот и натамошни дефицити со постигнатиот договор.

Парламентот има уште еден голем ас во ракавот: без новиот договор ќе продолжи да важи буџетот од 2013 година, дури во обем зголемен за стапката на инфлација. Тоа би значело - нема кратења. Во интерес на членките е значи да му излезат во пресрет на Парламентот. Тоа може да се постигне со елементи кои овозможуваат флексибилност, на пример слободно префрлување пари меѓу различните пресметковни години и подрачја. А, од друга страна, и пратениците во Европскиот парламент се под огромен притисок - не сакаат да бидат тие кои на крајот би го блокирале тешко постигнатиот компромис. Идните недели ќе покажат кој ќе победи во оваа борба за моќ и какви ќе бидат последиците за ЕУ.