1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договор за Анкетната има, за Деловникот не?!

23 јули 2010

Македонскиот Парламент денеска ја донесе Одлуката за формирање Анкетна комисија која треба да го расчисти инцидентот што се случи во Собранието на 1 јули.

https://p.dw.com/p/OSPw
Фотографија: Petar Stojanovski

Комисијата, како што истакна координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева е производ на повеќедневни координации и консултации и постигнат консензус меѓу пратеничките групи.

„Во одлуката се сублимирани барањата и на опозицијата и на мнозинството. Со неа се дава широка рамка за да може комисијата да дојде до вистината за случувањата на 1 јули во Собранието. Постигнавме согласност претседателот да го избереме со консензус, а двајца членови да бидат од власта и двајца од опозиција. Комисијата ќе треба во рок од 60 дена да поднесе извештај до Собранието за случувањата“, рече Бонева.

Mazedonien hat Kosovo als unabhängigen Sttat anerkannt
Анкетната комисија мора да ја лоцира одговорноста, вали Јани МакрадулиФотографија: Petr Stojanovski

За Јани Макрадули, формирањето на Комисијата е можност, како што рече, да се открие кој го организирал пучот на демократијата во Македонија и дозволил вооружени цивили да се шетаат во законодавниот дом. Анкетната комисија мора да ја лоцира одговорноста, додаде Макрадули.

За ЛДП, пак, случувањата околу формирањето на Комисијата, координациите, попуштањата или повлекувањата, се само резултат на желбата на двете најголеми партии да не се расветлат случувањата на 1 јули.

„СДСМ не сака да се расветли инцидентот бидејќи од сликите јасно се гледа дека пратеници од оваа партија учествувале во него. ВМРО-ДПМНЕ, пак, не сака да се расчисти случајот бидејќи во нивно време законодавниот дом падна на најниско ниво со оглед на тоа што во него може да влезе кој сака и кога сака“, рече Андреј Жерновски.

А Деловникот?

На дневен ред на оваа парламентарна седница беа ставени и измените и дополнувањата на собранискиот Деловник, но и покрај изјавите давани по координациите за постигната согласност по ова прашање, денеска опозицијата во Парламентот се изјасни дека ќе гласа против нив.

„Не сме се договориле за Деловникот. ВМРО-ДПМНЕ не ги слуша препораките од ЕУ, прави иста грешка и повторно носи Деловник без консензус. СДСМ стори се‘, водејќи се од националните интереси, да добиеме позитивен извeштај, и да воспоставиме вистински дијалог. СДСМ се повлече од многу забелешки. Но, ВМРО-ДПМНЕ наместо да ја прифати најклучната забелешка за формирање комисија за контрола на трошењето на народните пари, застана во заштита на нивното криминално трошење. СДСМ овој предлог не го чувствува за свој“, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ Цветанка Иванова.

Со ваквиот став не се согласува Бонева, според која договор бил постигнат, за што сведочеле и даваните изјави. „По долги преговори, кои се нормални во секоја демократија, го разгледавме секое барање на опозицијата, постигнавме консензус за Деловникот. Компромисот е направен со отстапки. Со измените се јакне моќта на законодавниот дом, на опозицијата, но и се јакне контролната улога над извршната власт и надзорната улога на Парламентот. Затоа очекувам кога ќе дојде до гласање, пратениците од опозицијата да се изјаснат позитивно“, рече Бонева.

Parlamentsgebäude in Mazedonien
Расправата ќе продолжиФотографија: aptn

Според неа, ВМРО-ДПМНЕ не застанува во одбрана на никакво незаконско трошење на пари и не бара да не се разгледуваат ревизорските извештаи. Се разликуваме само во формата - кое ќе биде телото што ќе го прави тоа, додаде Бонева.

Пратениците од помалите опозициски партии, исто така се изјаснија дека ќе гласаат против предложените измени и дополнувања, поради тоа што не учествувале на координациите.

Расправата по измените и дополнувањата на Деловникот ќе продолжи откако ќе одржат седници Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања и Законодавно-правната комисија, кои се закажани за попладнево.

Автор: ЕМФ/миа

Редактор: Александра Трајковска