1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договор за иднината во Опел

8 март 2005

Коментар на Карл Завадски

https://p.dw.com/p/AePF

По долга неизвесност за вработените, постигнат е договор за обезбедување на иднината на фабриките на производителот на автомобили Опел во Риселхајм, Бохум и Карлсруе. Постигнатата согласност меѓу менаџерскиот тим и работничкиот совет носи оптимистички наслов „Договор за иднината„.

Обете страни беа подготвени на отстапки кои потоа се влејаа во договорот со кој се предвидува укинување на секое трето работно место, откажување од тарифното зголемување на платите и драстично намалување на трошоците. Тоа е дополнето со инвестиции во модернизацијата на поризводството и на моделите. Сега е битно да се привлечат потрошувачите, а за тоа е потребно да светне засенетиот имиџ на Опел. Автомобилите додуша се многу подобри од гласот што ги бие. Меѓутоа, нешто друго е поважно: примерот на Опел укажува на начинот на кој можат да се решат стопанските проблеми во Германија.

За вработените, не само во Опел, златните времиња одамна се минато. Во тоа ништо не менува ниту сознанието дека некогаш реномираната авто-фирма се исчаши поради тешките грешки на менаџерите. Вработените мораа да ја платат катастрофата и тоа не е така само во Опел. Во големи делови на индустријата, банкарството, осигурувањата и во трговијата поради грешки, но пред се под притисок на меѓународната конкуренција која воведе помали примања во што се наоѓа причината за нивните побрзи заштеди.

Со децении, вработените во Германија имаа чувство дека се во лифт кој вози само во една насока: нагоре. Но, во моментов тој вози надолу. Германија се наоѓа под притисок. Овде не се само платите поголеми отколку во други држави, туку и работното време е покусо, а одморите подолги. Сето ова е посебен проблем на Германија која не остана поштедена од глобализацијата и проширувањето на ЕУ кон исток. Едно сигурно не е можно: најнапред да се работи за полски, а потоа за кинески плати. Меѓутоа, трошоците мораат да се намалат. Кога и да е ќе пораснат и платите во земјите во кои сега се мали, а со тоа и социјалните трошоци. Таму ќе мора да се преземе се против загадувањето на околината. Ако тие држави сакаат за своите граѓани да ја подобрат инфраструктурата, ќе мораат да ги зголемат даноците. Меѓутоа, да се чека тоа не е добра стратегија. За Германија и за другите напредни индустриски земји има само еден излез: мораме да бидеме напред во меѓународната трка, мораме повеќе да се напрегнеме и повеќе да работиме. Накусо: да ја ограничиме потрошувачката и да ги зголемиме инвестициите. Таму каде што германските производи се далеку напред со квалитетот и сервисот, таму нема проблеми да се обезбедат и повисоки цени. Готовноста за консензус како германски модел, како што покажа примерот на Опел, значи менаџерите и вработените да седнат и заедно да најдат решение.

Карл Завадски