1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договор нема, средбата корисна

21 март 2008

Во Брисел денеска, под посредтсво на САД се одржа нова средба во низата посветени на грчко македонскиот спор за името. Претставени се нови идеи за кои треба да се изјаснат владите во Скопје и Атина.

https://p.dw.com/p/DSPX
Милошоски и Бакојани на поранешна средбаФотографија: MIA

Во соопштението, издадено по тричасновната средба, којашто беше организирано со американско посредство, само се вели дека министрите на двете земји изразиле подготвеност да се реши 17 годишниот спор. Состанокот не донесе договор, па сепак за шефицата на грчката дипломатија Дора Бакојани, средбата со македонскиот колега Антонио Милошоски било корисна.

„Водевме корисен разговор и имаше искрена размена на идеи со кои се нагласува решеноста на двете влади да се дојде до решение“, рече Бакојани по средбата. Македонскиот министер Милошоски по средбата изјави, дека на средбата биле изнесени идеи и размислувања од американска страна кои вреди да им бидат претставени на државните врвови во двете земји.

„Македонија има јасни аргументи и позиции и јасна цел, а тоа е интеграција во НАТО“, рече Милошоски.

Не е потпишан никаков договор или меморандум

На средбата на која присуствувале и американскиот заменик државен секретар, Даниел Фрид и амбасадорка на САД во НАТО, Викторија Њуланд е договорено да не се да даваат детали за денешните разговори. И покрај тоа што на состанокот се слушнале нови можности за решавање на спорот, од извори во македонската делегација се вели дека „процесот се движи, но полека, поради што не треба да се создаваат огромни очекувања, но не и сосема да се исклучуваат можностите за напредок. Според истите извори, средбата не била за тоа некоја од двете страни да се стави под притисок и не се барало веднаш да се изјаснат за новите идеи. И Бакојани изјави дека на денешната средба не е потпишан никаков документ, никаков договор и никаков меморандум.

Преговорите продолжуваат на 25 март

Бакојани нагласи дека „двете страни со нетрпение го очекуваат продолжувањето на преговорите под покровителство на медијаторот Метју Нимиц кои се закажани за 25 март, најверојатно во Њујорк“. Бакојани не сака да прогнозира, дали средбата во Њујорк ќе донесе решение.

„Верувам дека може да пронајдеме решение ако има добра воља. Двете земји се свесни дека станува збор за сериозна работа“.

Агенцијата АФП, цитира американски извори, според кои ова средба е оценета како добра. Но, истиот извор не сакал да наведува други детали.

Сите опции се на маса

Според извори во македонската делегација пак се дознава дека се уште сите опции се на маса, па и таа Македонија напретстојниот самит на Алијансата во Букурешт да добие грчко вето за членството во НАТО. Но, според истите извори, ветото не е клучниот аргумент кој што ќе ја принуди Македонија да се согласи на неприфатливо решение. Агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на неименуван дипломат од НАТО, вели дека во Алијансата се размислува на Македонија да и се даде суспендирана покана, која ќе значи дека земјата ќе добие покана, но конечната одлука за членство ќе зависи од тоа дали ќе се постигне решение за спорот со името.