1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договор нема, штрајк на лекарите ќе има

Костадин Делимитов31 октомври 2012

Моделот на плаќање по учинок на лекарите во јавното здравство е суштински неефикасен и може да има сериозни последици и врз пациентите, предупредува лекарската фела. Синдикатот бара проект што ќе го промовира квалитетот

https://p.dw.com/p/16ZpN
Фотографија: picture-alliance/dpa

Штрајк против наметнатите реформи. Кулминира незадоволството кај лекарската фела во Македонија. Револтирани поради ниските плати и наметнатиот нов метод на пресметка по учинок, лекарите најавија генерален штрајк за 14 ноември. Претседателот на клиничкиот синдикат Дејан Ставриќ во изјава за Дојче Веле вели дека штрајкот ќе се одржи

и покрај најавите што ги добиле од министерството за здравство дека има правни пропусти и повторно ќе се изврши правен притисок:

„Барањата на лекарите специјалисти од Македонија од јавното здравство, околу 1.200 на број, и кои пристапија кон ова барање за штрајк, не може да биде игнорирано од министерот за здравство, кој и да е. Затоа што тие се носители на дејноста во секундарната и терцијарната здравствена заштита. Нема да отстапиме пред се од укинување на овој облик на плаќање по учинок и носење на нов нормален како во останатите европски земји, па ако сакате и на американскиот континент, кои се стимулативни модели и квалитативни пред се`, значи да се награди квалитетот а не како кај нас кој е квантитативен да се стимулира зголемен квантум, без подобрување на квалитетот. Овој модел е дефинитивно субјективен, отвора врата за мобинг за субјективизам и за квантификација на лекарската работа што дефинитивно може да има сериозни последици по пациентите пред се“, реагира Ставриќ.

Колега против колега

Поранешниот претседател на синдикатот за здравство Симе Силјановски предупредува дека проектот не содржи никаква суштинска реформа. Испитувањата во клиничката болница во Битола, каде што тој работи покажале минимални отстапувања. Од 170 лекари, само шест добиле 80% од плата, а седуммина дваесет отсто повеќе:

„Се работи за популација на лекари од герантолошки контекст од 55 години па нагоре, кои во најголем дел се докажале во вакви услови и не гледам можност да се создаде некоја мотивација. А во меѓувреме овој проект може да нанесе зло само на младиот кадар затоа што суштински него нема да го побараат. Така што тие немаат ни шанса, ако веќе зборуваме за таа трка која на некој начин е малку и канибалска во односите колега со колега. Дефинитивно тој проект ќе треба да се менува суштински. Тој мора да биде наградувачки, а црвена линија да биде колективното договарање, платата која во овој момент е навистина никаква. Не гледам никаде во околина таков проект, не познавам“, реагира Силјановски.

Ärzte Protestwoche in Deutschland Symbolbild
Фотографија: dpa - Bildfunk

Кадрите- главен проблем

Еден од клучните проблеми со што се соочува здравството е и кадровскиот. Голем е бројот на лекари што бараат излез во приватното здравство но и во странство, пред се во земјите од ЕУ. Ваквиот развој според Силјановски е резултат на лошата кадровска политика, што е случај не само во Македонија туку и во земји како Германија, Италија и Скандинавија.

„Треба да се создадат услови да има голем број на млад кадар, барем оние кои се при крај на кариера а се уште останале во јавното здравство да ги пренесат искуствата, импресиите од работата, за да не се греши“, вели Силјановски.

Од Синдикатот велат дека за време на штрајкот ќе бидат прегледани сите пациенти што ќе дојдат во здравствените установи и нема да се дозволи ничие здравје да биде загрозено. Министерот за здравство Никола Тодоров вели дека за новонајавениот штрајк не сака да преговара преку медиумите, туку ќе разговара со лекарите.