1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дождот ја топи излезноста на гласачите

Катерина Блажевска7 април 2013

„Според досегашното искуство, излезноста традиционално се зголемува од 17 часот и е најголема пред затворањето на гласачките места“, вели портпаролката на ДИК, Билјана Јовановска.

https://p.dw.com/p/18BDU
Фотографија: Petr Stojanovski

Обилните врнежи од дожд што ја зафатија Македонија ја намалија излезноста во вториот круг од локалните избори. Од обработени податоци од 94,73 отсто од вкупно 1.614 избирачки места, во земјата до 10 часот гласале 78.849 граѓани или 7,56 отсто, а во Скопје 28.636 граѓани или 7,14 отсто, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).

Ако се споредат податоците со првиот круг на изборите, излезноста до истиот период била поголема за пет отсто во целата земја и за повеќе од три отсто во Скопје.

Портпаролката на ДИК, Билјана Јовановска, вели дека временските услови влијаат на излезноста. „Без оглед на дождот, очекуваме излезноста да се зголеми. Според досегашното искуство, излезноста традиционално се зголемува од 17 часот и е најголема пред затворањето на гласачките места", вели Јовановска.

Biljana Jovanovska
Портпаролката на ДИК, Билјана ЈовановскаФотографија: MIA

Најголема излезеност до 10 часот имало во Струмица 14,47 отсто, во Лозово 14,32, во Дебар 14,14, во Берово 12,08 и во Велес 9,48 отсто. Најмала била излезноста во Тетово каде своето право на глас го искористиле само 4,43 отсто од гласачите. Од скопските општини најголема излезеност до 10 часот имало во општината Ѓорче Петров 11,39 отсто, потоа во Центар 11,15 и во Карпош 7,45 отсто.

Прекини на гласањето

Вториот круг кој се одвива во 29 општини и Градот Скопје, а се прегласува на три избирачки места во Струмица и едно во Долнени, со мали исклучоци започна без проблеми и се одвива во мирна атмосфера. Според граѓанската асоцијација „Мост", навреме се отворени сите гласачки места на кои се распоредени нејзините 2080 набљудувачи, кои покриваат 50 до 60 отсто од гласачките места. Според „Мост", на гласачкото место 2164 во општина Велес, гласач фотографирал гласачко ливче и по реакцијата на Избирачкиот одбор си заминал, но неговата лична карта била задржана. Повикана била и Општинската изборна комисија (ОИК) и полицијата, поради што имало прекин на гласањето од 40 минути. На гласачкото место 0848 во општина Кочани, недостигале листови од извадокот од Избирачкиот список, во кој се впишани 90 гласачи. Известена била ОИК, а по одреден прекин гласањето продолжило. Прекин на гласањето имало и на гласачки места 0837, 0850 и 0852 во општина Кочани, бидејќи недостигал по еден лист од Избирачкиот список. Продолжило и гласањето на гласачкото место број 1.743 во Струмица, кое било прекинато откако гласач го скршил капакот од гласачката кутија. Во близина на истото гласачко место од автомобил во движење биле испукани неколку куршуми плашливци.

Kommunalwahlen in Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Зголемен бројот на болни

Вториот круг од локалните избори го карактеризира зголемен број гласачи пријавени како болни и немоќни лица, чиј број уште во првиот круг од набљудувачите беше оценет како „рекордно голем". Според информациите на „Мост" добиени од ОИК, во првиот круг како немоќни биле пријавени најмалку 13.323 лица, во услови кога е нејасно за каков доказ за здравствената состојба се работи, односно дали таков документ може да издаде и матичен лекар. Бројот на пријавени болни и немоќни кои вчера дома го остварија правото на глас, во Велес од 673 лица во првиот круг бил зголемен на 878, во Берово од 361 на 404, во Делчево од 474 на 514, во Битола од 162 на 206 лица, а во Ресен стигнал до 300.

Според аналитичарите, интересот за гласање во вториот круг традиционално опаѓа, особено кај неопределените гласачи кои најчесто го решаваат исходот на изборите. Недостигот на гласачки интерес во земјата и во вториот круг ќе се компензира со гласачи од дијаспората. Вчера во Охрид слетаа три чартери - два од Италија и еден од Швајцарија, два беа најавени за денес претпладне, а неколку чартер линии од европски дестинации се најавени и на аеродромот во Скопје.