1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дожд од бомби паѓаат на границата со Либан

1 август 2006

Израелските трупи водат жестоки копнени борби со припадниците на Хезболах во Јужен Либан. Откако Тел Авив даде зелено светло за проширување на копнената офанзива и навлегување подлабоко на либанска територија, гранати паѓаат долж границата.

https://p.dw.com/p/Ac4V
Копнените борби се се пожестоки
Копнените борби се се пожестокиФотографија: AP

Жестоките борби продолжуваат веќе дваесет дена. Според израелски извори само во последниве 48 часа се убиени 20 борци на Хезболах. Либанските власти соопштија дека израелските копнени трупи навлегле во неколку села долж границата, додека за Тел Авив тоа се местата од кои напаѓал Хезболах. Дожд од гранати се истури врз пограничните села во Либан, јавуваат агенциите. Борби се водат на неколку места. Кај местото Аита Ал Шааб Хезболах уништил еден израелски тенк, а телевизијата Ал Арабија јави дека во борбите се убиени и тројца израелски војници.

По вчерашната едногласна одлука на Кабинетот за безбедност Израел планира и подлабоко да навлезе на либанска територија, поради што се повикани 15 000 воени резервисти. Израелскиот министер за инфраструктура Бен Елизер изјави дека офанзивата ќе трае уште десет до четиринаесет дена. Целта на акцијата е да го подготват теренот за стационирање на мировните мултинационални трупи на ОН, и да го истиснат Хезболах. И покрај меѓународниот притисок, израелскиот премиер Ехуд Олмерт изјави дека ”нема да има прекин на огнот во наредните денови”. И пратеникот од Кнесетот Ефраим Шех објасни на израелското радио дека тоа може да потрае:

“Времетраењето на офанзивата не зависи само од нашите цели, нив може да ги оствариме и за неколку недели, но ги чекаме мировните сили. Тоа може да биде одлучувачко”. Ако нема меѓународни трупи, Шех стравува дека Хезболах ќе го искористи вакумот при евентуален прекин на притисокот што би имало фатални последици.