1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доживотна казна затвор за Мубарак

АТ/ ртр/ дпа/ афп2 јуни 2012

Под силни безбедносни мерки во Каиро беше објавена пресудата против поранешниот египетски претседател Хосни Мубарак. Судиите му пресудија доживотна казна затвор.

https://p.dw.com/p/156p0
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во процесот поради издавање наредба за употреба на смртоносно насилство против демонстрантите, поранешниот египетски претседател Хосни Мубарак е осуден на доживотна казна затвор. Мубарак е ослободен од обвинувањето за корупција. За корупција се осудени негови двајца синови, кои веќе ја одлежаа казната затвор за тоа, смета судот. Од другите обвинувања тие се ослободени. Судот во Каиро му пресуди доживотна казна затвор и на проранешниот министер за внатрешни работи Хабиб ал Адли.

Адвокатот на Мубарак, Јасер Бар најави дека ќе ја обжали пресудата.„Оваа пресуда е полна со правни слабости“, изјави тој.

Поранешниот египетски властодржец Хосни Мубарак присуствуваше во судиницата, кога да му беше изречена пресудата. Тој утрово со хиликоптер беше пренесен во судот во Каиро. Во судската сала Мубарак носеше очила за сонце и лежеше на носилка, како што го прикажа државната телевизија.

Противниците на Мубарак пак држеа слики од демонстранти, кои биле убиени за време на минатогодишните масовни протести.

Поранешниот египетски претседател меѓу другото се обвинува за злоупотреба на службена должност, корупција и издавање наредба за убиство на демонстранти за време на 18 дневниот народен бунт изминатата година.

Државниот обвинител бараше смртна казна за Мубарак. Тој смета дека е докажано дека Мубарак ја сноси вината за убиството на демонстрантите во јануари и февруари минатата година.

Мубарак беше соборен од функцијата на 11. февруари 2011 година. При задушувањето на протестите од Арапската пролет загинаа окоу 850 луѓе, повеќе од 6.000 беа повредени.