1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дозвола за управување балон

Хуан Ј. Мехиас/Б.Георгиевски25 октомври 2012

Да се лета со балон! Тоа е сон за многумина, но за да се дојде до дозвола за такво нешто потребна е многу напорна работа и вежбање. Бен Фолкер финишира со тренингот пред да ја добие дозволата.

https://p.dw.com/p/16Q9T
Фотографија: picture-alliance/ ZB

Прекинувачот за оган функционира, плинските боци се сигурни, учителот Алфред Деркс го набљудува својот ученик Бен Фолкер додека овој ги прави последните контроли.

Шест часот наутро во Минстер, Рајна Вестфалија. Последни проверки и загревање. Ова е 15-то тест возење за Бен Фолкер на патот кон добивање на дозвола за управување со балон.

„Возбуден си?“, прашува репортерот.

„Малку, да. Но тоа е нормално пред секое патување со балон. Тоа е нешто посебно. Тоа не се прави секој ден“, вели Бен Фолкер.

Балоните не летаат, тие патуваат. За секој кој управува со балон, тоа има посебно значење.

Конечно балонот се искачува во височините. Нема ветер. Шест часот и 30 минути, околината на Минстер се буди.

„Ова е еден прекрасен ден, каков што само може да се посака. Изгрејсонцето е секогаш најубаво, особено доколку сте некој кој поспива подолго наутро. За управување со балон сепак вреди да се стане“, вели Алфред Деркс, учител за летање со балон.

Се патува во правец на аеродромот Минстер-Оснабрик.

„Делта, Оскар, Фокстрот, Сиера, Виктор. Тргнавме од Нинберге, држиме позиција северно од населбата Киндерхаус. Се наближуваме до контролната зона. На висина сме од 1.400 стапки, патуваме со брзина од 31 километар на час“, јавува Фолкер во контролата за летање.

Ballonstart
Фотографија: AP

„Делта, Сиера, Виктор, патот до контролната зона е чист. Пријавете го пристигнувањето“, гласи одговорот оттаму.

Учителот Деркс е задоволен од тоа како му оди на ученикот.

„Досега според очекувањата. Добро ја одржува висината, се пријави во Оснабрик според правилата и досега сум многу задоволен“, вели Деркс.

Одржување на висина од 500 метри е дел од неговите вежби. Бен Фолкер постојано го следи мерачот на височина. Опасно е доколку се лета прениско, пред се’ поради електричните инсталации со висок напон.

„Електричните инсталации се најголема опасност, затоа што се тешко забележливи од воздух. Конструкциите се обоени во зелено за да одговараат на околината, тенки се и воопшто не можат да се забележат. Затоа мора внимателно да се погледне каде е точно далноводот и да не се патува во тој правец“, објаснува Фолкер.

Учителот Деркс сепак е претпазлив.

„Мора да се смета на тоа дека брзината на ветрот се зголемува на тлото. Јас сметам дека во моментов е доста мирно и затоа сакаме уште еднаш да вежбаме слетување“.

Следи тежок маневар. Ветрот забрза, балонот брзо се спушта. Камерата мора да се тргне, за да не го деконцентрира управувачот на балонот. Успешно. Слетување без проблеми.

Учителот Алфред Деркс е задоволен. Уште еден лет, и потоа Бен Фолкер ќе ја има дозволата за летање в џеб.