1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Докторатот на министерката сепак е плагијат?

Армин Химелрат/ Жана Ацеска23 јануари 2013

Аферата околу тоа дали докторскиот труд на германската министерка за образование Анете Шаван бил плагијат, влегува во нова рунда. Универзитетот во Диселдорф започна официјална постапка за одземање на докторската титула.

https://p.dw.com/p/17QAU
Фотографија: Getty Images

Книгата која ќе ја одлучи судбината на германската министерка за образование, Анете Шаван, е тешка - има 351 страница, а носи патетичен наслов „Личноста и совеста“. Таа е објавена во 1980. година како докторска работа на тогаш младата, амбициозна научничка во областа на општествените науки. Со години никој не и‘ обрнуваше внимание на дисертацијата. Но, тогаш анонимни ловци на плагијати на интернет го докажаа плагијат-докторскиот труд на поранешниот германски министер за одбрана, Карл-Теодор цу Гутенберг, односно дека голем дел од трудот препишал од книги и новински статии од други автори. Гутенберг ја загуби докторската титула и својата политичка функција, а ловците на плагијати продолжија со потрага по дисертациите на други познати политичари.

Притоа наидоа на „Личноста и совеста“, напишана од сегашната министерка за образование. И кај неа се пронајдени препишани пасажи, не толку бројни како кај Гутенберг, но сепак - околу 130 места во меѓувреме се сметаат за плагијат. Анете Шаван, во меѓувреме, самата побара од Советот за оценка и одбрана на докторски трудови на Универзитетот во Диселдорф да го испита случајот.

Doktorarbeit von Annette Schavan
Докторскиот труд на Анете ШаванФотографија: picture-alliance/dpa

Вештакот зборува за „преовладувачка намера за плагијат“

Претседателот на Советот за оценка и одбрана на научни трудови во улога на вештак се даде на работа и во својот извештај во 2012. година дојде до поразувачки резултат. Тој зборува за „плагијатски начин на постапување“ и „преовладувачка намера за измама“, обвинувања кои на почеток Анете Шаван постојано ги побиваше. Оттогаш владее спор околу тоа дали обвинувањето за фалсификат кај докторскиот труд е оправдано и дали Универзитетот доволно внимателно ја водел истрагата.

Синоќа (22.01) дојде до нова (меѓу)одлука: со 14 гласа наспроти 1 против, Научниот совет на факултетот во Диселдорф реши дека обвинувањата се толку основани, што се поведува официјална постапка за одземање на докторската титула на министерката. Исходот на постапката останува „отворен“, изјави Бруно Бекман, декан на Филозофскиот факултет по повеќечасовната седница. Колку долго ќе трае истрагата, не знае никој. Сега е јасно - за Анете Шаван тековната истрага ќе биде тешко бреме во претстојната изборна кампања за Бундестагот.

Philosophische Fakultät Universität Düsseldorf
Филозофскиот факултет во ДиселдорфФотографија: picture-alliance/dpa

Спорот бранува широки кругови

Уште во последните денови спорот околу докторскиот труд на Шаван и можниот плагијат стана се‘ пополитизиран. Кратко откако Универзиттеот во Диселдорф го објави вештачењето, за збор се јавија претседателите на најголемите германски научни организации: Научниот совет и Германската научна заедница, Ректорската универзитетска конференција и Макс Планк друштвото во заедничко соопштение го критикуваа Универзитетот во Диселдорф. Критиката гласи - во истрагата во случајот со Шаван не биле запазени научните стандарди. Дури и претседателот на Научниот совет, Волфганг Маркварт, го критикуваше „едностраното вреднување на обвинувањата за плагијат“.

Изјави кои го лутат Бернхард Кемпен. Тој е претседател на Сојузот на германски факултети и ставовите на научните организации ги оценува за недозволиво мешање во тековната истрага:

„Се прави обид за интервенција, а притоа е јасно - секој обид за влијание врз постапката, било во интерес или против засегнатата министерка, е апсолутно штетен“.

Научниот совет на факултетот очигледно не е импресиониран од оваа дебата, веќе на следната седница на 5. февруари ќе бидат договорени натамошните чекори во рамките на постапката на проверка на обвинувањата за плагијат на докторскиот труд на Шаван.