1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Докторската титула на претседателот на Бундестагот - плагијат?

ЖА/дпа30 јули 2013

Универзитетот Рур Бохум започна постапка за проверка на докторската работа на Норберт Ламерт, претседателот на германскиот парламент, поради обвинувања за плагијат. Постапката ја иницирал Ламерт.

https://p.dw.com/p/19H84
Фотографија: imago

Портпаролот на универзитетот Рур Бохум ја потврди информацијата. Ректорот Елмар Вајлер уште во неделата добил телефонски повик од Норберт Ламерт, при што тој замолил да биде извршена проверка. Со тоа во Германија на повидок е нов политички скандал, откако председателот на Бундестагот, Норберт Ламерт од владејачката Христијанско демократска унија (ЦДУ), е обвинет за плагијат на својата научна дисертација.

Германскиот весник „Велт“ денеска објави дека блогер, кој се претставува како Роберт Шмид, открил несовпаѓања и прекршувања на правилата за цитирање на најмалку 42 страници од научниот труд на Ламерт од 1975 година. Ламерт на Рурскиот универзитет во Бохум во Северна Рајна Вестфалија, ја одбранил дисертацијата на тема „Локални организациски структури за внатрепартиското формирање на волјата - истражување врз основа на активноста на регионалната организација на ЦДУ во Рурската област“.

Ламерт „не прочитал голем дел од литературата што ја користел, па затоа се добива впечаток дека ископирал многу карактеристични грешки“, тврди Шмид. Ламерт, меѓутоа, за „Велт“ изјави дека својата дисертација ја испраќа на проверка, што ќе утврди дали тој направил плагијат.

„Го замолив универзитетот во Бохум да го стори тоа во најкус можен рок, изјави тој“, уверувајќи дека својата дисертација ја подготвил „чесно и совесно“.

Повеќе германски политичари веќе ги загубија дотогашните функции заради обвинувања за сторен плагијат. Прво, поранешниот министер за одбрана Карл- Теодор цу Гутенберг си замина од функцијата, потоа тоа го стори и Силвана Кох- Мерин, дотогашниот потпретседател на Европскиот парламент и на крајот и поранешната министерка за образование и научни истражувања Анете Шаван.