1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Долгиот пат до австриско државјанство

Веит Улрих Браун / Александра Трајковска 9 јуни 2013

Австрија го има најстрогиот закон за стекнување државјанство во ЕУ. Властите сега најавуваат реформа, меѓутоа се’ погласна е критиката дека новата регулација во суштина е уште построга од постоечката регулатива.

https://p.dw.com/p/18QOy
Фотографија: picture-alliance/dpa

Мирза пее на оперска проба љубовна песна од Босна. Не звучи како да била посебно среќна љубов. Мирза е образован оперски пејач - студираше во Сараево и во Виена. Сега во Австрија има жена и деца и премалку настапи. Иако има понуди да пее, како неодамна од Швајцарија.

Тој не се осмелува да ја напушти Австрија, бидејќи сака конечно да стане Австриец. Веќе десет години чека на тоа. А строгите правила меѓу другото бараат десет години непрекинат престој во земјата.

„Имам многу проблеми, бидејќи немам државјанство. Сега неможам едноставно да кажам, ќе отпатувам неколку месеци и некаде ќе потпишам договор и таму ќе пеам, ќе останам три месеци и потоа повторно ќе се вратам. Тоа едноставно не оди. Тогаш ќе го загубам мојот статус овде во Австрија“, вели оперскиот пејач Мирза Хустаровиќ.

Неговата сопруга Адвија и синот Бенјамин имаат државјанство - и тој одамна ќе го добиеше ако не западнеше во замките на бирократијата. Пред повеќе од десет години во рок ја продолжи својата студенска виза, меѓутоа му недостасувала една потврда, која ја доставил два дена подоцна. Оваа дупка им даде повод на властите, години подоцна да одбијат да му доделат државјанство - наместо тоа чекањето почна од почеток. За семејството неверојатна одлука. „Се разбира се закочија плановите. Можеби и би се преселиле, но неизвесноста едноставно е тука: можам ли? Да се обидам? може ли тоа? Да, постои неизвесност, која верувам не оптоварува. И пред се’ него“, подвлекува Адвија Хустаровиќ.

Високи побарувања за стекнување државјанство

Ниту една друга земја во ЕУ нема повисоки барања за доделување државјанство од Австрија: Познавањата на германски јазик мора да бидат на ниво на среден степен, речиси илјада евра нето заработувачка месечно и десет години континуиран престој се неопходни во моментов. Во повеќето земји на ЕУ странците веќе по пет години престој можат да добија државјанство.

Stephansdom in Wien, Österreich
ВиенаФотографија: picture alliance/dpa

Сега владата сака да спроведе реформа и во иднина да може да се доделува државјанство веќе по шест години. Државен секретар за интеграција во Австрија Себастијан Курц: „Сакаме модерен закон за државјанство, тоа значи закон со систем за поттикнување. Колку подобро некој е интегриран, толку поскоро да може да добие државјанство. Оној кој е многу добро интегриран, веќе по шест години, а оној кој е добро интегриран по десет години и оној кој не ги исполнува нашите барања, тој воопшто не би требало да добие австриско државјанство“.

На пример странците кои заработуваат премалку. Всушност со скратената постапка пречките стануваат уште поголеми. Луѓето кои работат во пракса затоа сметат дека реформата не е многу реална. Јудит Херлсбергер од Центар за советување на мигранти на Австрија истакнува: „Имавме многу побарувања за советувања, особено откако медијално беше презентирана оваа промена на законот. До сега не сум имала клиенти кои би ги исполниле овие предуслови“.

Волонтерската работа е добредојдена

Имено, за брзата постапка се бараат уште подобри познавања на германскиот јазик или три години волонтерска работа во некоја општествена организација. Пожарникарните служби и фудбалските сојузи како Аустрија Грац ќе се радуваат на ова.

„Ние сме многу благодарни за секој кој волонтерски ќе работи. Морам исто така да кажам: волонтерската работа е многу многу важна за клубот. Имено тој има сосема поинаква ориентација кон ситуацијата, работи со љубов“, вели Алфред Хорнер од Фудбалскиот клуб „Аустрија Грац“

Како на пример Метави Калед. Со години овој Еѓипќанец по потекло се ангажира волонтерски како фудбалски тренер во Аустрија Грац. Тој формираше екипа од млади странци, која полека но сигурно се разви во надеж на здружението.

Интернационала се нарекуваат гордо. Велат, фудбалот бил нивен јазик, и него го говорат сите. Успехот им дава за право. И наредната сезона ќе смеат да настапат во австриската аматерска лига.

Граѓански права како награда. Австрија тоа не може да си го дозволи, велат критичарите на реформата. Впрочем земјата со тоа ризикува, голем дел од своето население трајно да го исклучи од јавниот живот. Имено на тој начин не се стекнуваат супер -доселеници - прилагодени, образовани и со високи примања.