1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Домашен притвор за противникот на Путин, Удаљцов

ЖА/дв/дпа/ртре/ап10 февруари 2013

Сергеј Удаљцов е еден од лидерите на руската опозиција и против него се води постапка. Властите сега му одредија и домашен притвор во траење од два месеца.

https://p.dw.com/p/17bac
Фотографија: Reuters

Најновото шиканирање против познатиот критичар на Кремљ стигна од московски суд, кој вчера му одреди домашен притвор на опозициониот лидер Сергеј Удаљцов до 6. април поради обвинение дека поттикнува масовни немири со цел да го собори од власт претседателот Владимир Путин.

Судот во Москва одговори на барањето на истражната комисија, според која, Удаљцов не се однесува соодветно и не соработува со властите. Судот смета дека Удаљцов може да се обиде да побегне во странство и „да се обиде да ги спроведе своите криминални намери“. Удаљцов за време на осумнеделниот домашен притвор не смее да користи ниту телефон ниту интернет. Освен тоа, не смее да прима и испраќа писма и без согласност на властите да го напушта станот.

Russland Oppositionsführer Sergej Udalzow in Moskau verhaftet
Сергеј Удаљцов смета дека е во прашање политичка кампања против негоФотографија: Reuters

Лидерот на опозицискиот лев фронт, кој досега имал забрана за патувања надвор од Москва, би можел да добие затворска казна од 10 години.

Властите започнаа истрага против 35-годишниот опозиционер откако државната телевизија во октомври минатата година емитувала документарен филм, според кој Удаљцов планира бунт против Владата на Путин. Удаљцов ги отфрли ваквите обвинувања и смета дека станува збор за политички мотивиран притвор.

„Не сум прекршил никакви правила, а власта сака да ме изолира од јавниот живот“, критикуваше 35-годишниот опозициски лидер. Според него, одлуката на судот е „дел од кампањата“ против либералната опозиција во Русија.

Удаљцов, инаку, е обвинет како еден од организаторите на масовните протести во мај лани, во пресрет на стапувањето на Владимир Путин, тогаш премиер, на третиот мандат како шеф на државата. Поради тоа Удаљцов повеќе пати беше и во затвор.