1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Домаќините многу гостопримливи во Бундеслигата

30 август 2010

Второто коло во новото првенство од германската фудбалска Бундеслига им припадна на гостинските тимови. Притоа, неколку фаворити беа изненадени од помали тимови.

https://p.dw.com/p/OzE5
Борусија Менхенгладбах го шокираше Бајер Леверкузен совладувајќи го со 6:3 нагостиФотографија: AP

Во историјата на Бундеслигата тоа уште не се случило. Седум од деветте мечеви во колото завршија со победи на гостинските тимови. Притоа, гостите постигнаа и рекорден број на голови - 23 од вкупно 39 колку што паднаа во второто коло. Најтежок пораз забележа Бајер Леверкузен на домашен терен од лутиот ривал Борусија Менхенгладбах со 3:6.

„Немавме никаква одбрана. Бевме неорганизирани. На играчите на Гладбах им оставивме премногу простор, а знаејќи дека тие се тим кој игра добро на контри, тоа е многу опасно и тоа и се виде“, изјави по мечот тренерот на Леверкузен, Јуп Хејнкес.

Ниту Штутгарт не мина подобро од Бајер во дуелот на домашен терен против Борусија Дортмунд.

„Слаби сме во дуел играта. Реагираме предоцна, и тоа не е првпат. Мораме под итно тоа да го промениме“, изјави напаѓачот на Штутгарт, Какау по поразот од 3:1, а неговиот тим се најде на последното место на табелата.

Bundesliga 1. Spieltag
Николче Новески со Мајнц прослави неверојатна победа против ВолфсбургФотографија: picture alliance / dpa

Неверојатен пресврт во Волфсбург

Нов пораз, овојпат на домашен терен, забележа и тимот на Волсфбург. Во неверојатен натпревар, домаќините водеа со 3:0, но Мајнц успеа да си замине со победа од 4:3. Не помогна ниту новото засилување од Јувентус, Диего, иако на дебито постигна гол. Во слична ситуација се најде и Шалке. Пораз на домашен терен од аутсајдерот Хановер со 2:1, втор сезонава.

„Поразот од Хамбургер можев и да го прифатам. Против еден тим кој е меѓу петте најдобри во лигата, можете и да загубите. Но тешко е да се прифати пораз од Хановер, од кого загубивме три бода, кои во иднина ќе ни недостасуваат и кои ни беа многу потребни“, изјави тренерот на Шалке, Феликс Магат.

Победите на гостите продолжија и на другите мечеви. Хамбург победи во Франкфурт со 3:1, Фрајбург ги однесе трите бода од Нирнберг по победата од 2:1, а Хофенхајм го совлада Санкт Паули со 1:0.

„Ние денеска не бевме подобриот, туку посреќниот тим. Победата не ја заслуживме, но со задоволство ќе ги земеме трите бода“, изјави голманот на Хофенхајм, Том Штарке.

Bundesliga 2. Spieltag Köln Bremen
Од натпреварот Келн - БременФотографија: AP

Првакот изненаден во Кајзерслаутерн

Неговиот тим заедно со Кајзерслаутерн сега го дели првото место на табелата со иста гол разлика. Изненадувањето на колото го приреди токму тимот на Кајзерслаутерн кој во петокот го совлада првакот Бајерн Минхен со 2:0, на домашен терен.

„Не можам да кажам дека лошо почнавме, напротив, мислам дека игравме добро. Но, во завршницата ни‘ недостасуваше острина. Последното додавање не беше секогаш добро“, оцени по мечот тренерот на Бајерн, Луис Ван Хал.

Вториот победник на домашен терен во ова коло беше тимот на Вердер, кој во Бремен убедливо го совлада Келн со 4:2.

Автор: Штефан Нестлер / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска