1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Домот Европа - во Македонија!

Силвера Падори-Кленке14 октомври 2012

Учесниците од Прилеп и Скопје во Германско-македонскиот проект својата иднина ја гледаат во Македонија. Сакаат да стекнат знаења и искуство во Германија, но нивниот Дом Европа, е Македонија, каде како велат - е најубаво!

https://p.dw.com/p/16P9E
Фотографија: DW/Padori-Klenke

Десет дена (до вторник 16 октомври) Берлин е домаќин на група студенти од Прилеп и Скопје кои заедно со своите германски врсници учествуваат во првиот младински проект на социјално-културната иницијатива ТрансНетворк и ПРЕДА Плус фондацијата за одржлив развој. Целта на проектот е младите од двете држави да ги разменат своите размислувања за професионалните перспективи, желби, сништа, да дискутираат за востановените клишеа и заедничкиот дом –Европа. Македонските учесници во проектот се студенти по машинство, информатика, технологија... Затоа и не случајно, највпечатлива за нив беше посетата на Центарот за компетенции на „Сименс“, кој е еден од петте капацитети во Берлин.

Импресии од стручните обиколки

Сара Кочоска, студент на Машинскиот факултет во Скопје беше воодушевена од фактот што младите од нејзината „бранша“ имаат можност за пракса во индустриските капацитети уште на почетокот на високото образование. И Виктор Гешоски, студент на Факултетот за информатика и компјутерска техника е импресиониран од „Сименс“.
„Во Германија студентите уште од првиот семестар имаат многу, многу пракса. Имаат директни насоки и доколку сакаат на пример да студираат роботика, со пракса и учење на таа материја започнуваат уште на стартот. Ако сакаат машинство - тоа им е во фокусот уште на почетокот на учењето и праксата. И кај нас е добро, само што нема толку пракса“, вели Виктор, кој има уште еден испит до диплома и не исклучува мастер студиите да ги продолжи и во Германија.
„Посетта на Сименс беше одлична, но – повеќе сум за идејата Европа во Македонија, односно и кај нас работите да тргнат нанапред. Или, зошто не – ’Сименс’ да дојде во Македонија и токму ние да ги развиваме светските индустриски текови. Можеби би дошол и во Германија на дообразба или некаква специјализација, но секако би се вратил во Македонија. Земјата и онака е дел од Европа, и за мене доволно е тој наш европски дом да биде нашата Македонија“, дополнува Мартин Маневски, студент на Факултетот за информатика и компјутерска техника од Скопје.

Андреј Кузманоски од Прилеп, дипломиран машински инженер, би можел да си замисли да запише мастер студии или да специјализира во некој од индустриските центри во Баварија, Баден Винтемберг или Северна Рајна Вестфалија. За него исклучително впечатлива беше и посебноста на Берлин, различноста и нетипичноста. „Првпат гледам ваков различен град, секоја улица за себе е посебна и се разликува од наредната, многу различен и не можам да го споредам со ниедна европска престолнина“, коментира Андреј.
За Трајче Петрески, учеството во германско-македонскиот младински проект на ТрансНетворк е прилика за запознавање нови луѓе и многу разговори со германските колеги по информатика и машинство. Со оглед што е на почетокот на студиите вели „има уште време“ до одлуките каде би специјализирал или работел, но е дециден: „ секаде и секогаш ќе се бараат нови луѓе со нови идеи и многу знаења“. И во Германија, но и во Македонија каде својата перспектива ја гледа и Ангелка Илиеска, иден технолог (прехрамбена насока).

Возвратен проект?

Јарл Шмит, матурант од Берлин е воодушевен што се запознал со своите врсници од Македонија (Југоисточна Европа), зашто како вели „се’ што е увезено од Западот не е интересно и скокотливо“.
И тој, како и Доријан Рудинац, Леила Јешке (средношколка) и Нора Клоцбихер (иден социјален работник) за Македонија и нејзините луѓе до сега не знаеле ништо. Дружбата е посебна, но и разговорите за заедничкото секојдневие и индивидуалните планови. Посакуват и директно да ја запознаат културата и традицијата на Македонија и тоа преку еден сличен проект на нејзина почва.
Сузана Јумеровска, координатор на Проектот од ТрансНетворк од Берлин подвлекува дека заедничкото дружење, секој чекор на учесниците, нивните коментари, желби и оценки се документирани во краткиот филм (репортажа) под името „Домот Европа“, што беше премиерно прикажан вчера (13 октомври).

Deutschland Mazedonien Jugendprojekt TransNetwork
Сара, Андреј, Трајче, Виктор сакаат да стекнат знаења во Германија, но работата во Македонија е нивниот сон и визијаФотографија: DW/Padori-Klenke
Flash-Galerie Fachkräftemangel
Праксата во „Сименс“ атрактивна за идните инженери!Фотографија: picture-alliance/dpa