1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Донесен е пакетот мерки за поттик на европската економија

АП, Ројтерс (ЕМФ)26 ноември 2008

ЕК донесе пакет мерки за заживување на економијата. Тој тежи 200 милијарди евра, или околу 1,5% од вкупниот европски бруто социјален производ. Што треба да се направи за на стопанството да му тргне на подобро?

https://p.dw.com/p/G2Sq
Жозе Мануел Барозо е убеден дека пакетот мерки на ЕК е реаленФотографија: AP

Европската комисија предлага различни можности за заживување на конјуктурата во земјите членки на унијата. Меѓу нив, на пример, се државни инвестиции во инфраструктурата и заштитата на животната средина, како и зголемување на социјалната помош, намалување на издатоците на платите и привремено намалување на данокот на додадена вредност.

Секој си бира што му одговара

Секоја влада, од вака предложениот пакет мерки, треба да си одбере што и‘ одговара и за што е убедена дека ќе му чини добро на домашното стопанство. Претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Барoзо, претставувајќи ја конјуктурната програма, изјави дека во 27-те земји членки има различни ситуации и дека на кризата треба да се реагира на координиран, а не на униформиран начин.

„Координирана европска акција може и има влијание какво што националните акции сами не можат да имаат и нема да имаат. Координираната европска акција прави разлика“, рече Барозо во Брисел.

Европскиот пакт за стабилност и економски пораст, кој што го ограничува дефицитот што секоја држава одделно смее да го има, треба да остане и натаму на сила, но ЕК нагласува дека доколку некоја земја, во сузбивањето на економската и финансиската криза, ги пречекори поставените граници, тогаш треба да добие повеќе време за да ги доведе во ред своите финансии.

Dossierbild Finanzkrise 2
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Реален пакет мерки кој може да донесе промени

Претседателот на Европската комисија, Барозо оценува дека програмата на унијата за заживување на конјуктурата е голем и храбар план. „Пакетот мерки базира врз паметни инвестиции сега и во иднина. Тој базира врз инвестиции во луѓето и во бизнисот, инвестиции во енергетскиот сектор, инфраструктурата, меѓусебната поврзаност, иновациите и еколошки технологии. Она што денеска е физички стимул на кратки патеки, е исто така и платформа за одржлив развој и отворање работни места во иднина“, убеден е Барозо.

Конјуктурниот пакет тежи 200 милијарди евра - 170 милијарди треба да дојдат од земјите членки на унијата, а 30 милијарди ќе бидат ставени на располагање од заедничкиот буџет и од Европската инвестициона банка. Според Барозо, износот од 200 милијарди евра е реален и е износ кој навистина може нешто да покрене и промени.