1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Допинг-скандалот добива се’ пошироки димензии.

25 мај 2007

Со признание за недозволената практика на германските велосипедисти вчера излезе и се’ уште активниот возач Ерик Цабел, еден од најдобрите спринтери во светот

https://p.dw.com/p/Anz4
Ерик Цабел на прес-конференцијата
Ерик Цабел на прес-конференцијатаФотографија: AP

“Имаше гласини, се сметаше дека веќе не може да се биде успешен без користење допинг. Јас непосредно пред Тур д’Франс се решив да користам Епо. Тоа беше еднократен тест, со кој завршив на крајот од првата недела на трката, оти имав значителни проблеми со придружните ефекти” – рече 38-годишниот Ерик Цабел на прес-конференција вчера во Бон. Епо е хормон кој го поттикнува создавањето на црвени крвни клетки, а со тоа и снабдувањето на организмот со кислород.

За признанието, колку и да е задоцнето, Цабел наведе и лични причини – пример за син му, кој исто така е велосипедист: “Едноставно, ако од него очекувам да биде добар човек, чесен во животот, тогаш веќе не можам и понатаму да го лажам. Но, јас со години ве лажев сите вас и би сакал да ви се извинам поради тоа”. Цабел не мора да се плаши од консеквенции: настаните за кои аборуваше датират од 1996-та година и според прописите се застарени.

Изрично на јавноста и’ се извини и Ролф Алдаг, своевремено совозач со Цабел во Телеком, сега спортски раководител на велосипедскиот тим Те-мобајл. Тој, според сопственото признание, се допингувал со хормонот Епо од 1995-та до 2002-ра година. “Започнав во 1995-та, пред Тур д’Франс, исклучиво со Епо и потоа продолжив, чекор по чекор. Совеста ми проработе во 97-ма, дотогаш се допингував оти си велев дека не можат да ме откријат”. И покрај признанието, тимот Те-мобајл реши Алдаг да остане на функцијата.

Аферата започна во понеделникот вечерта, кога во телевизиско ток-шоу поранешниот професионален возач на Телеком Берт Диц призна дека се допингувал и за тоа ги обвини лекарите Лотар Хајнрих и Андреас Шмит од одделот за спортска медицина на Универзитетот во Фрајбург. Потоа уследија и признанијата на Кристијан Хен и Удо Белц. Јан Улрих, победник на Тур д’Франс во 1997-ма и натаму негира дека се допингувал, иако уште многу порано беше спомнат во врска со допинг-аферата околу шпанскиот лекар Емилијано Фуентес.

Универзитетот во Фрајбург вчера ги отпушти двајцата лекари и ја прекина соработката со германскиот врвен спорт, Удо Белц поднесе оставка на функцијата спортски раководител на велосипедскиот тим Геролштајнер.

Аферата предизвикува безбројни реакции во германскиот спорт и политика и барања за заострување на контролите, како и на законодавната регулатива. Сојузниот министер за внатрешни работи Волфганг Шојбле, надлежен и за спортот во земјава, искажа огорченост и потресеност од лаги и измами во такви размери. Тој побара да се провери дали во оваа афера биле злоупотребувани и буџетски средства.