1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Достoинствено повлекување

Автор: Бернд Ригерт / Превод: Е.М.Фиданоска11 февруари 2013

Најавата на папата Бенедикт Шеснаесетти за повлекување од функцијата изненади многу католици. Но повлекувањето, за црквата која е во криза отвора и можност за нов почеток, оценува Бернд Ригерт во својот коментар.

https://p.dw.com/p/17cAU

Ова е револуција. Оставка на папа немало повеќе од 50 години. Официјално, 86-годишникот се повлекува од функцијата поради своето се‘ послабо здравје. Од неговата порака на латински меѓутоа може да се „наслушне“ дека е тешко да се води црква која се наоѓа во тешко време. Време во кое верата „се тресе“, рече Бенедикт 16. и извлече консеквенции. Папата, кој не е народски човек како неговиот полски претходник, туку брилијантен теолог и интелектуалец, секогаш имаше тешкотии со функцијата. Таков впечаток остави и за време на неговата турнеја низ татковината Германија во 2011 година. Тогаш многумина критикуваа дека папата го загубил контактот со грижите на нормалните католици.

Оставката сега отвора и можност за нов папа кој би бил поотворен за реформи, кој наоѓа одговори на кризата на црквата во Европа и Северна Америка. Тука католичката црква губи се‘ повеќе членови, нема доволно свештенички подмладок. Умна е одлуката на Бенедикт да не остане на функција до смртта. Долгото боледување на неговиот претходник Јован Павле втори ни е во добро сеќавање. Јозеф Рацингер сака да избегне вакво јавно умирање. Во последните години од животот тој сака да и‘ се посвети на својата голема љубов - пишување теолошки книги. Оставката не дојде сосема неочекувано. Рацингер самиот пред години рече дека папа треба да биде само оној кој има сила да ја извршува оваа тешка функција. Изненадување е само терминот на повлекување. Луѓе кои ги познаваат состојбите во Ватикан сметаа дека Бенедикт ќе се повлече по Велигден. Папата беше лично многу погоден од аферата околу издавањето тајни документи. Тој ја загуби довербата и му стана јасно дека ја нема под контрола моќната црковна управа - Куријата.

Кој ќе го наследи папата е тешко да се предвиди. Кардиналите ќе се соберат на најнеобичната Конклава со векови. Тие нема да оплакуваат умрен папа, туку ќе имаат шанса, по осум конзервативни години, да направат нов почеток. Иако, со именувањето на многу нови кардинали, папата ја зајакна конзервативната франција во изборното тело.

Со навраќањето кон основното Бенедикт 16. врз себе навлече многу критики, но се обиде да ја зачува суштината на католичката вера. Откажувањето од функцијата е храбар чекор, револуционерен чекор. Тој си зеде слобода. Тој постави мерила. Сега неговите наследници нема да можат да се „лепат“ за функцијата. Создаден е Понтификат на определено време. Со тоа Ватикан се отвора делумно кон световните претстави за владеење и демократија.

Пред осум години, кога германскиот кардинал беше избран за папа, булеварскиот весник „Билд“ имаше наслов: „Ние сме папа!“. Сега насловот би морало да гласи: „Се откажуваме, но достоинствено!“