1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дојчиновски: не се инвестира доволно во македонскиот фудбал

10 август 2011

Нов селектор на фудбалската репрезентација е Велшанецот, Џон Тошак, некогаш славен фудбалер, сега успешен тренер. Репрезентацијата денеска во Баку на пријателски натпревар против Азербејџан.

https://p.dw.com/p/12Cnr
„Не можам да живеам без фудбалот“, Кирил ДојчиновскиФотографија: DW

За состојбата во македонскиот фудбал зборува едно од најпознатите македонски фудбалски имиња, Кирил Дојчиновски. Беше фудбалер на Вардар, на Црвена Звезда, на Париз, го носеше дресот на екс-јусловенската репрезентација. Продолжи и како тренер. Го водеше Вардар, потоа Брегалница. Како тренер во подолг период работеше во Јужна и во Латинска Америка. Од здравствени причини се пензионира, но вели дека фудбалот му е во крвта.

„Јас од секогаш сум бил со фудбалот и живеам за фудбалот. Уште како дете го засакав и што се вели, ми остана во крвта. Јас без фудбал парактично не можам!“

Дојчиновски вака го оценува моментот во македонскиот фудбал: „Многу малку се инвестира во нашиот фудбал. Ако се инвестира повеќе ќе дојдат и резултатите. Ако се подобри фудбалската инфраструктура, ако има добри инвестиции, исто така треба да се очекуваат резултатите.“

Fussball Länderspiel Deutschland Wales John Toshack
Новата надеж од Велс: тренерот на репрезентацијата, Џон ТошакФотографија: picture-alliance /dpa

Фудбалските брендови останаа заборавени

Зошто во македонскиот фудбал титулите се преселија во малите средини, а Вардар, Пелистер, Беласица се во дефанзива?

„Ги заборавивме нашите големи клубови. Заборавивме на клубовите, во кои со години се инвестираше. Ова не го зборувам затоа што Вардар, Пелистер, Беласица веќе не се во прв план, туку затоа што престана да се вложува во нив. Играчите сега, нормално, ја бараат својата егзистенција онаму каде што имаат подобри услови.“

Неодминлив е и Вардар, клубот од кој Дојчиновски го започна фудбалскиот узлет.

Ailton
Тоа беа уште славни мигови: Вардар против Шалке во 2004 годинаФотографија: dpa

„Жал ми поради сево ова што се случува со Вардар, кој заедно со Пелистер беше испаднат од Лигата. Ова што се случува не е соодветно на големината на Вардар. Се работи и за името и за големината на Вардар. Сметам дека треба да дојдат вистински луѓе на раководните места во клубот, а не кој и да било и по било какви други основи, бидејќи Вардар има големо значење за нашиот фудбал.“

Репрезентацијата во раце на тренерски авторитети

Дојчиновски е со став дека и на репрезентацијата на Македонија и’ е потребно да ја водат личности од авторитет.

„Авторитети треба да ја водат репрезентацијата. Поради добрите примања и одговорноста на селекторот треба да биде поголема. За да се стане селектор, треба да се има тренерско минато зад себе!“

За неодамна извлечента жрепка за Светското првенство Дојчиновски смета дека е исклучително тешка за Македонија и дека се мали шансите против Хрватска, Србија, Белгија, Шкотска и Велс. Според него, во догледно време македонскиот фудбал не може да направи позначаен исчекор.

Автор: Златко Калински

Редактор: Горан Чутаноски