1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДПА се заканува со бојкот на пописот во Македонија

13 октомври 2010

Опозиционата Демократска партија на Албанците денеска истакна десет барања, според кои ќе треба да се спроведе пописот на населението во 2011 година. ДПА се закани дека во спротивно ќе повика на бојкот на пописот.

https://p.dw.com/p/PdXN
Лидерот на ДПА, Мендух ТачиФотографија: Petar Stojanovski

Координаторот на пратеничката група на ДПА, Имер Алиу, на прес - конференцијата што се одржа денеска во Тетово, ги пренесе барањата, кои биле усвоени на вчерашната седница на Централното претседателство на оваа партија. „Пописот да се одржи во јули, како поповолен период, а не од 1 – 15 април 2011 година. Тој да биде спроведен под целосно меѓународно набљудување во сите фази од страна на ОБСЕ, Европскиот завод за статистика – ЕУРОСТАТ и од американската Агенција за попис. Албанците во Македонија, кои се уште немаат добиено нејзино државјанство, да бидат попишани согласно со посебно поглавје во законот, а да им се овозможи и на печалбарите надвор од земјата да бидат и опфатени со оваа статистичка операција и тоа во местата и во државите каде што ќе се наоѓаат во тој момент.“

Барања и за етничкиот состав на попишувачите

Покрај изнесените барања, Имер Алиу порача: „ДПА бара етничкиот состав на членовите на надлежните органи за пописот да биде во согласност со етничкиот состав на населението во Македонија, што подразбира и членови – Албанци секаде во државата, вклучувајќи ги и местата каде што не живеат Албанци. Образецот за попис треба да биде двојазичен, албански и македонски, унифициран за целата држава, додека пополнувањето на образецот бараме да биде на мајчиниот јазик на лицето кое се попишува“.

Wahlen in Mazedonien DPA Partei der Albaner
Минувачи пред седиштето на ДПА во РашчеФотографија: AP

„Заканите се нерационални“

Координаторот на пратеничката група на ДУИ Тахир Хани денеска во изјавата за Дојче Веле се огласи со следната реакција во врска со овие барања на ДПА: „Нерационални се заканите на ДПА за бојкот на пописот априори со барања кои ние сеуште како парламент и како владини коалициони партнери не сме ги ни примиле и ниту сме расправале за нив за да видиме кои се прифатливи, а кои не. Тоа ќе може да го направиме во претстојното второ читање на предложената верзија на законот за попис. Ние досега немаме добиено никакви клучни, односно суштински забелешки, кои ќе не’ убедат како партија – ДУИ дека навистина со овој закон нема да има можности за реално попишување на населението.“

Mazedonien Land und Leute Schule Unterricht in Brodec
Албанчиња во училиште во БродецФотографија: Nikos Pilos

Дебата и за македонскиот јазик во училиштата

Централното претседателство на ДПА синоќа расправало и за новата образовна стратегија за воведување на македонскиот јазик во наставата за првачињата од албанската и другите етнички заедници. На денешната прес конференција не беше соопштено кои заклучоци биле усвоени и во врска со ова, но беше навестено дека ДПА ќе се огласи и за тоа во наредните денови. Инаку нејзиниот лидер Мендух Тачи вчера во изјавата за медиумите рече: „Владата се обидува да ги принуди Албанците да го учат македонскиот јазик, спротивно на нивната волја. Ние немаме ништо против овој јазик, но со оваа стратегија се потврдува дека еден народ – македонскиот врши супремација врз Албанците, на што ние ќе се спротивставиме најостро.“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Горан Чутаноски