1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дракула - крволочниот заводник се’ уште живее

СН/жт/дпа20 април 2012

Денеска (20. април) се навршуваат сто години од смртта на авторот на романот „Дракула“, Брам Стокер. Неговиот најпознат роман говори за крволочниот гроф кој живее во Романија и никогаш не умира.

https://p.dw.com/p/14iH7
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Најдраг мој, преубаво е. Ќе добиеш големи признанија и многу пари“, стоеше во писмото на мајката на Абрахам „Брам“ Стокер до нејзиниот син откако го прочитала манускриптот на „Дракула“. Но, нејзиниот син за жал не доживеал ниту успех, ниту богатство. Во моментот на смртта на 20. април 1912 година неговиот петти роман бил преведен само на германски и на исландски, а за некаков планетарен успех тогаш уште не можел никој да каже. Стокер умрел како и многу писатели на тоа време во сиромаштија и беда во Лондон од последиците на мозочен удар.

Инспириран од вистински лик

Брам Стокер е роден во Даблин, во Ирска на 8 ноември 1847 година. По неуспешните обиди да студира математика и физика се вработил во градската управа, а слободното време најрадо го минувал во театар.

Читал многу, но и самиот пишувал. Неговите први текстови минале незабележано, а слично било и со театарските критики. Дури средбата со еден унгарски професор, кого го запознал додека работел на еден театарски текс, колку-толку го променил неговиот дотогашен живот. Тој професор му раскажал, дека на Балканот луѓето и натаму веруваат во постоење на вампири, кои никогаш не умираат и живеат од крвта на своите човечки жртви.

A
Брам СтокерФотографија: Getty Images

Овој мит наводно толку го фасцинирал што на Стокер набргу потоа му се родила идеја. Приказната за вампирите вешто ја поврзал со вистинските приказни за романскиот кнез Влад Тепеш Трети. Тој живеел на подрачјето на Трансилванија, а популарност стекнал поради големата бруталност за време на борбите со освојувачките војски на Османлиската империја во 15. век. Митовите поврзани со разни методи на мачење, кои тој кнез ги применувал, кај Стокер наишле на плодно тло, особено кога станувало збор за разните начини на пуштање крв.

Имено според наводите на неговите подоцнежни биографи, Стокер во детството страдал од мистериозна болес, поради која со години бил прикован за кревет. Со оглед дека лекарите и онака не знаеле за каква болест станува збор, тие за секој случај го применувале она што тогаш се применувало во такви случаи- му испуштале крв. Колку овој метод го трауматизирал и влијаел на неговиот подоцнежен живот, на изградба на неговата личност се видело многу години подоцна.

Buchcover Dracula Bram Stoker
Фотографија: Steidl

Романот „Дракула“ првпат е објавен во 1897 година и до денес е една од најчитаните книги напишани во тоа време. Во меѓувреме делото е преведено на 45 јазици, меѓу нив и на кинески. Книгата за крволочниот гроф кој како магнет ги привлекува жените најде место и во историјата на филмот. Најпознатите филмови за Дракула ги снимија Роман Полански и Френсис Форд Копола.