1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Драматичен пад на продажбата на компјутери

БГ/ап/дпа11 април 2013

Глобалната продажба на персонални компјутери падна на рекордно ниско ниво во првиот квартал од годинава. Експертите за падот го обвинуваат и новиот „Виндоус 8“ оперативен систем.

https://p.dw.com/p/18EDS
Фотографија: AP

Продажбата на персонални компјутери паднала за натамошни 13,9 проценти во првиот квартал од годинава, најголем пад откако фирмата „Интернашенл Дата Корп“ (IDC) почна да ја следи продажбата во 1994 година. Од фирмата велат дека падот е двојно поголем од очекуваниот. Ширум светот биле купени само 76,3 милиони персонални компјутери во првиот квартал од 2013. година, што значи пад од четврта година по ред.

Од IDC велат дека причините за падот лежат во зголемената побарувачка за таблети и „смарт фонови“, но и во фактот што производителите на персонални компјутери не успеаја да се спротивстават на технологијата на екрани на допир и ултра-тенкиот дизајн на конкуренцијата.

„PC индустријата не успеа да идентификува иновации кои ќе направат разлика меѓу персоналните компјутери и другите производи, со што ќе ги мотивираат купувачите, а притоа се соочуваат и со отпор кон поголеми промени“, соопшти компанијата IDC.

Дополнителен проблем, според истражувачите на пазарот е и воведувањето на оперативниот систем Виндоус 8, кој има сличен изглед со системите кои ги користат таблетите и „смарт фоновите“, но од корисниците бара одново да го учат целиот процес на користење.

„За жал, воведувањето на Виндоус 8 не само што не доведе до позитивен раст на пазарот на персонални компјутери, туку и дополнително го забави овој пазар“, вели заменик претседателот на IDC Боб Одонел.

Најголем продавач на персонални компјутери на светскиот пазар и натаму останува „Хјулит Пакард“, и покрај тоа што продажбата на оваа компанија паднала за 24 проценти минатата година.