1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Драматична прес конференција на Црвенковски

Александар Чомовски30 септември 2008

Грчко-македонските преговори од надворешно-политички спор се претвораат во се‘ поотворен и пожесток конфликт меѓу македонскиот претседател, Бранко Црвенковски и премиерот, Никола Груевски на домашната политичка сцена.

https://p.dw.com/p/FRNG
Претседателот Бранко Црвенковски остро го нападна премиерот ГруевскиФотографија: Petr Stojanovski

По консултациите околу можниот нов предлог на медијаторот на ОН, Метју Нимиц за решавање на спорот со името, македонскиот претседател и владата разменија јавни удари и осуди.

Претседателот го обвини премиерот дека води „несериозна државничка политика“

Претседателот, Бранко Црвенковски, по очигледното фијаско на консултациите со владата околу името, изјави: „Претседателот на владата на Република Македонија, не се однесува како вистински премиер и како најодговорен за состојбите во државата. Напротив, тој себеси си ја припишува улогата на опозиција и се обидува да ја избегне одговорноста за исходот на целиот процес“, изјави Црвенковски, обвинувајќи го Груевски дека води „несериозна државничка политика“ и дека одбегнува да ја преземе одговорноста.

Владата и нејзиниот преговарач во спорот со името, Мартин Протоѓер, се иницијатори за прекин на непосредните контакти со Метју Нимиц, рече на прес конференција претседателот на државата, Бранко Црвенковски.

Драматичноста во неговиот настап, следуваше по изјавата на премиерот, Никола Груевски дека...„Во интерес на конструктивноста на процесот, конструктивниот пристап кон господинот Нимиц, па и кон господинот Црвенковски, во овој момент не би изјавувал други детали во врска со овие разговори.“

Владата порача дека нема да „наседне на провокациите на шефот на државата“

Подоцна владата испрати и писмен одговор на обвинувањата на претседателот, Црвенковски. „Не сакаме поделби, нема да наседнеме на провокациите на шефот на државата, кој ги злоупотребува грчко-македонските преговори за лични политички цели“, стои во официјалниот владин одговор по прес конференцијата на претседателот на државата.

Gruevski Statement.jpg
Премиерот, Никола Груевски одговори по писмен патФотографија: DW/MIA

Нема заеднички став за можните референци

Властите во Скопје немаат заеднички став за името „Горна“ или „Северна“ Македонија, за тоа како да се сочува националниот идентитет на Македонците и да се постигне компромис. Предлогот што е во оптек е името Македонија на латиница да се користи можеби во ОН. Дилема е дали референцата „Горна“ или „Северна“ Македонија ќе го суспендира уставното име, под кое Македонија веќе има дипломатски односи со околу 120 членки на ОН.