1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Драматична состојба во Шангај поради смогот

ЕМФ/дв7 декември 2013

Заштитните маски се стандардна опрема на граѓаните во источниот дел на Кина веќе со денови. Загадувањето на воздухот во милионската метропола Шангај достигна рекордни вредности, опасни по живот.

https://p.dw.com/p/1AUgj
Фотографија: picture alliance/AA

„Никогаш не било олку лошо“, вели 56-годишен жител на Шангај и беспомошно додава: „Не знаеме што да правиме“. И тој, како и останатите жители на милионската метропола, носи заштитна маска на лицето. Оние што немаат маски, ги покриваат устата и носот со шалови и шамии.

Загадувањето на воздухот од ситна прашина во Шангај во меѓувреме достигна драматични вредности од повеќе од 600 микрограми на кубен метар воздух. Тоа е 24 пати повеќе од границата што според Светската здравствена организација е толерантна - 25 микрограми.

Вонредна состојба

Покрај Шангај, особено многу се загадени соседните провинции Џиангсу, Зеџианг, Анхуи и Хенан на истокот на Кина. Властите прогласија втор највисок степен на предупредување и воведоа голем број итни мерки, како запирање на градежните работи, намалување на бројот на автобуси на улиците за една третина, како и забрана за излегување надвор на учениците. Освен тоа, откажани се и дел од летовите на аеродромот во Шангај.

China Smog in Shanghai Dezember 2013
Фотографија: Reuters

Екстремно високите концентрации на издувни гасови во воздухот претставуваат голема опасност за здравјето. Тие можат да предизвикаат мозочни удари, срцеви заболувања, проблеми на дишните патишта, или да бидат предизвикувачи на рак и на проблеми во бременоста, предупредуваат лекарите. Освен тоа, смогот предизвикува големи проблеми во сообраќајот, со оглед на тоа што на места во Шангај видливоста изнесува помалку од 50 метри.

Метеоролозите оценуваат дека виновник за високите концентрации на смог е времето, односно недоволно ветер кој би го одвеал загадениот воздух од градот. Според прогнозите, ситуацијата нема да се промени до крајот на наредната недела.