1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Драматично во Киев

ЕМФ/дпа/афп18 февруари 2014

Во Украина денеска (18.02) состојбата драматично се влошува. Подземната железница е затворена, а на улиците се водат борби меѓу демонстрантите и безбедносните сили. Набљудувачите стравуваат од немирна ноќ.

https://p.dw.com/p/1BBAh
Фотографија: picture-alliance/dpa

По неколку недели тензичен мир, состојбата во Украина денеска експлодира. Во судирите меѓу демонстрантите и полицијата, според непотврдени извештаи, животот го загубија најмалку пет лица. До драматично влошување дојде во текот на попладневните часови, кога безбедносните сили навлегоа на плоштадот на независноста Мајдан, каде се наоѓаа околу 20.000 луѓе. Полицијата фрлаше гранати со чад, додека демонстрантите возвратија со Молотови коктели, јавуваат локални медиуми.

Поради огромното насилство, за утре се планира средба на претседателот Виктор Јанукович со опозиционите лидери. Претседателот на украинскиот парламент, Владимир Рибак, изјави дека за да се одржи средбата прво треба да запре насилството.

Претходно, на социјалната мрежа Твитер активисти објавија дека се убиени тројца демонстранти, но официјална потврда за ова нема. Демонстрантите, како што се тврди, биле пронајдени мртви со прострелни рани во срцето и главата. Опозицијата за тоа ги обвинува припадниците на полициските специјални единици Беркут. На интернет кружат фотографии од свештеник кој благословува три тела покриени со хартија. Шефот на тимот лекари на опозицијата, Олег Мусији, претходно соопшти дека има и околу 150 повредени противници на власта.

Kiew Proteste 18.02.2014
Фотографија: Genya Savilov/AFP/Getty Images

Демонстрантите се судрија со безбедносните сили само еден ден откако во сила стапи амнестијата за уапсените демонстранти. Група од неколку стотици демонстранти денеска ја окупираше централата на партијата на претседателот Виктор Јанукович во Киев. Претходно, опозиционерите ја нападнаа зградата со Молотови коктели и камења. Тие со секири успеаја да влезат во една гаража во внатрешноста на просторот кој и‘ припаѓа на партиската централа. Притоа, како што се вели од кругови на владејачката партија, е убиен еден припадник на обезбедувањето. Пратеникот Олег Зарјов дури говори и за двајца мртви.

Kiew Proteste 18.02.2014
Фотографија: Reuters

Полицијата соопшти дека радикални противници на власта повторно ја имаат окупирано зградата на Градското собрание во Киев. Демонстрантите се повлекоа од зградата вчера, по повеќемесечна окупација.

Подземната железница во Киев е комплетно затворена. „Сите станици се затворени. Метрото не вози“, изјави за агенцијата Интерфакс портпарол на подземната железница.

Русија го обвинува Западот, Ештон е длабоко загрижена

Русија за денешното ново насилство го обвинува Западот. „Настаните се директен резултат на политиката на толерирање од страна на западните политичари и европските структури, кои од почетокот на кризата ги затвораат очите пред агресивните дејства на радикалните сили во Украина“, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

Првиот ЕУ-дипломат, Кетрин Ештон, изгрази „длабока загриженост“ поради „тешката нова ескалација“ на конфликтот во Украина. „Го осудувам насилството“, изјави Ештон во Брисел, додавајќи: „Ја опоменувам владата во Украина да се зафати со причините за кризата.“