1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Драстични мерки на штедење во Грција

3 март 2010

Грчкиот премиер Јоргос Папандреу денеска ќе одржи седница на Владата на која треба да се донесат клучните одлуки за намалување на големиот буџетски дефицит и добивање на финансиска помош од ЕУ.

https://p.dw.com/p/MIBI
Фотографија: picture-alliance / Bildagentur Huber/AP/Montage DW

Грчката Влада денеска мора да одлучи како ќе заштеди дополнителни 4,8 милијарди евра годинава, покрај оние кои веќе беа договорени во изминатите месеци. Се проценува дека новите чекори би можеле да вклучуваат зголемување на данокот на додадена вредност, намалување на платите во јавниот сектор, замрзнување на пензиите, и поголеми давачки за гориво, алкохол, цигари и луксузни стоки. Во драматичен говор пред членовите на неговата партија ПАСОК синоќа, Папандреу оцени дека цела Европа ќе биде под закана доколку Грција не успее да донесе храбри одлуки и да го намали долгот од 300 милијарди евра.

Грција мора прво да си ја заврши домашната задача

Папандреу в петок се очекува во Берлин на средба со германската канцеларка Ангела Меркел, која веќе побара дополнителни мерки од Грција, пред да даде согласност за каква било европска помош за надминување на кризата.

Шефот на германската дипломатија, Гидо Вестервеле вчера јавно тврдеше дека во моментов нема најави за помош за Грција. „Се надеваме дека реформската политика најавена од грчката Влада ќе биде прифатена од граѓаните и од фирмите, бидејќи состојбата е сериозна. Но Грција мора да знае: најпрво мора таа да си ја заврши својата домашна работа. Бланко чекови не даваме“, изјави Вестервеле.

Експертите скептични

Во својот вчерашен говор, Папандреу ги предупреди Грците да не мислат дека затегнувањето на ременот е некакво далечно сценарио. „Денеска бараме придонес од сите граѓани да ги замолат државните службеници да се согласат на намалување на платите. Една ера завршува за нашата земја, а започнува ново поглавје“, соопшти Папандреу.

И покрај сериозните најави од Атина, експертите не веруваат дека Грција ќе го исполни најавеното намалување на буџетскиот дефицит за 4 проценти годинава. Само 18 од 47 економски експерти кои ги консултирала агенцијата Ројтерс оцениле дека тоа е можно, додека мнозинството сметаат дека успехот ќе биде под очекуваното.

Автор: БГ/АТ/Ројтерс/дв

Редактор: Александра Трајковска