1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Државата го стега ременот, грчките фирми мамат за данокот

СН/АТ/бета/миа10 август 2013

Ненадејните и неселективни даночни инспекции ширум Грција откриле дека многу фирми даваат лажни податоци во даночните пријави, додека среде рецесија власта во презадолжената земја се бори за подобра наплата на приходите.

https://p.dw.com/p/19NMc
Фотографија: AP

Истрагите на даночните инспектори во Грција откриле дека речиси секоја втора фирма на некој начин ги мами даночните власти.

И покрај постојаните кампањи на владата даночните измами и натаму се главен проблем во Грција, која е зафатена од сериозна должничка криза и која во последните три години ликвидноста ја осигурува благодарение на огромните меѓународни кредити.

Во соопштението на Министерството за финансии се наведува дека 731 од 1.465 компании, во кои се извршени проверки од 25 јули до 5 август, ги нарушиле даночните закони. Најголемите нарушувања или 85 отсто од проверените фирми се регистрирани на островите Евиа и Скирос. Во врвните туристички одредишта, на островите Миконос, Санторини и Крит стапката на непридржување до даночните прописи изнесува преку 56 насто од контролираните претпријатија.

Министерот за финансии Јанис Стурнарас изјави дека владата била принудена да донесе посебни прописи со кои се овозможува даночна инспекција во текот на викендите и за време на августовските верски празници.

„Спроведуваме кампања без преседан: затвораме претпријатија и донесуваме прописи“, изјави министерот во интервју за приватната атинска телевизија Мега. Стурнарас истакна дека во некои краеви на земјата, претприемачите не издаваат никакви сметки, за да го прикријат приходот и да не го платат во целост данокот за промет. „ Ако е тоа системот на вредности на грчкото општество, искрено ми е жал, но тоа мора да се казни“, изјави министерот додавајќи: „Сите ние мораме да бараме да ни биде издадена фискална сметка или признаница“.