1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Bundestrojaner CCC

11 октомври 2011

Германските истражни органи го прекршиле уставот - вака гласи обвинувањето од организацијата Хаос компјутер клуб по анализата на софтверот, за кој се верува дека државата го користела за да шпионира приватни компјутери.

https://p.dw.com/p/12p2h
Фотографија: picture-alliance/dpa

Хакери обелоденија дека државата користела софтвер за надгледување и со тоа најверојано обелоденија вистински скандал со податоци. На 20 страници организацијата Хаос компјутер клуб го анализира т.н. државен тројански коњ и заклучува дека државата со електронските методи на набљудување ги надминува границите поставени од германскиот Уставен суд.

Државните интереси за борба против криминалот честопати беа во судир со правата на граѓаните да ја штитат нивната приватна сфера. Во овој конфликт, Уставниот суд во февруари 2008 година формулираше ново правило: правото на доверливост и интегритет на информативно-техничките системи. 

Дупка во законот

Судиите на судот во Карлсруе меѓутоа оставија и дупка во законот. Таа се должи на фактот, што криминалците ја кодираат нивната комуникација преку интернет - на пример разговори преку Скајп или испраќање на чет-пораки. Откако ќе биде кодирана, истражните органи веќе не можат да ја следат комуникацијата. Затоа, тогашниот министер за внатрешни работи Волфганг Шојбле и шефот на германската криминалистичка служба Јерг Цирке се залагаа за т.н. надгледување на изворната телекомуникација. Идејата беше, пораките да се преземат директно од компјутерот на осомничениот, уште пред да бидат кодирани. Ваквата мерка исто така треба да биде одобрена од судија, исто како и класичното надгледување на телефонската комуникација.

Symbolbild Datenschutz
Кодираните податоци на увидФотографија: dapd

За тоа државата мора да го инфицира компјутерот на осомничениот со софтвер, т.н. тројанец. Очигледно дека постапката се применува. Германските судови прифаќаат како доказен материјал копии од десктопот на компјутер, или снимки од телефонски разговори преку интернет. Некои од лицата погодени од ова „надгледување на изворната телекомуникација“ анонимно ги испратиле хард дисковите на своите компјутери на анализа во организацијата Хаос компјутер клуб. Хакерите успеаја да го пронајдат вирусот и да го анализираат. Доколку овие анализи се точни, тогаш државниот тројанец има многу повеќе можности отколку само да ја надгледува тековната комуникација.

Имено, исто како и вирусите на онлајн криминалците, државниот тројанец може тајно да симнува натамошни модули на компјутерот. Со нив би било потоа можно да се пребарува хард-дискот и да се симнуваат содржини, да се вклучува микрофон или камера на компјутерот и со тоа да се навлезе во она што е „сржта на приватниот живот“, која ужива и посебна заштита од уставот. Тоа би било кршење на уставот. Освен ова, на компјутерот на осомничениот би можело да се инсталира материјал, за кој подоцна би можел да се товари, без притоа истото да може да биде докажано. Самото тоа што постои оваа можност, ја намалува доказната моќ на индициите, пронајдени на конфискуваните компјутери. Интересно е што оваа функција е многу добро скриена во кодот на компјутерскиот тројанец. Најверојатно на програмерите им било јасно дека со ова се движат на работ на законот. 

Политичка бура во Берлин

Тоа што невладина организација докажува дека државата најверојатно извршила повреда на уставот - во Берлин предизвика политичка бура. Министерството за внатрешни работи се дистанцираше од анализите на вирусот: сојузната криминалистичка БКА не ја употребувала оваа програма. Истовремено министерството укажа дека покраинските полициски служби работат самостојно - со други зборови спорниот софтвер спротивен на уставот можно би било да доаѓа од нивните редови. Министерката за правда Сабине Лојтхојзер Шнаренбергер се заложи да се спроведе истрага во покраините. Првите траги водат кон Баварија. Властите во Баварија во меѓувреме соопштија дека го користеле спорниот компјутерски софтвер за надгледување. Платформата Викиликс објави понуда уште од 2008 година од германското претпријатие ДигиТаскс до баварските служби. Според документот, ДикиТаскс им понудил на државните иследни органи специјална Скајп програма, со карактеристики кои наликуваат на сега анализираниот тројанец.

Дали државниот компјутерски „тројански коњ“ е спротивен на уставот или не - во оваа форма веќе нема да може да биде употребуван од властите. Имено, фирмите за компјутерска безбедност ширум светот во меѓувреме ги актуелизираа програмите за заштита од вируси. Во иднина ваков вирус нема да може да се пробие до персоналните сметачи.

Автор: Матијас фон Хајн / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска