1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Државна помош за Комерцбанк

Јан Плате3 ноември 2008

Хипо риал естејт беше првата приватна, а Комерцбанк е првата голема приватна банка во Германија која се реши да ја искористи помошта понудена од државата за санирање на состојбата. Како ќе постапат другите?

https://p.dw.com/p/FmYY
Седиштето на Комерцбанк (и на Дрезднербанк, која се фузионира со Комерцбанк) во Франкфурт на МајнаФотографија: AP

Специјалниот фонд за стабилизирање на финансискиот пазар изутрината соопшти дека ќе и’ стави на располагање на Комерцбанк 8,2 милијарди евра за наголемување на нејзинот капитал, а и’ понуди и опција за натамошни 15 милијарди евра во форма на гаранции.

На берзата уште во петокот имаше шпекулации и кружеа гласови дека Комерцбанк би можела да побара помош од владиниот пакет за спас на банките. Тоа придонесе за пад на курсот на таа банка за повеќе од шест проценти, што познавачите го образложуваа со загриженост за дивидендите. Сега, на самиот почеток од неделата, и официјално е потврдено дека Комерцбанк ќе ги користи мерките од пакетот за помош.

Како последица на ваквото решение, Комерцбанк во наредните две години нема да им исплатува дивиденди на своите акционери, а тоа ќе се одрази и врз платите на нејзините менаџери. Вкупните примања на претседателот на Управниот одбор на банката ќе бидат ограничени на 500 илјади евра годишно.


Дојче банк: Силни сме, помош не ни’ е потребна


По објавувањето на веста за Комерцбанк, сега со нетрпение се очекува како ќе постапат другите банки. Што се однесува на најголемата, Дојче банк, тоа е јасно уште од порано, а и вчера нејзиниот шеф Јозеф Акерман уште еднаш потврди дека во догледно време таа банка нема потреба за помош од државата. „Од денешен агол на гледање, ние нема да учествуваме во тоа, оти сме силни. Ние многу рано се погриживме да бидеме уште посилни во поглед на капиталот. Во многу тешки времиња остваривме добивка, имаме многу силна база за рефинансирање, па не ни е потребна никаква заштита“, рече Акерман.


►◄