1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Државните службеници во Грција повторно штрајкуваат

АТ/ афп/ дпа16 септември 2013

По летната пауза грчката влада е соочена со нови проблеми. Државните службеници наредниве денови планираат протести против отуштањата во јавниот сектор. Бранот протести го започнаа наставниците.

https://p.dw.com/p/19iCN
Фотографија: Reuters

Полицијата не чекаше долго и уште рано утрово употреби солзавец против околу 300 наставници кои го блокираа влезот на Министерството за реформа на администрацијата во Атина. Штрајкот на наставниците е почеток на нов бран штрајкови во Грција, кон кој сакаат да се приклучат и вработените во фондовите за пензиско и здравствено осигурување. Наредните денови ќе штрајкуваат и лекарите во државните болници и ќе бидат третирани само итните случаи.

Стриктен курс на штедење

Причина се кратењата на платите, отпуштањата и недостигот на персонал. Имено владата на премиерот Андонис Самарас мора да продолжи по строгиот курс на штедење, кој меѓу другото предвидува и кратење на 15.000 работни места во јавниот сектор до крајот на 2014. година. Освен ова уште 25.000 државни служеници мора да бидат принудно преместени во т.н. мобилна резерва. Тоа значи, доколку во наредната година не биде најдено работно место за нив во државниот сектор, тие ќе ја загубат работата.

Мерките се дел од условите, кои Грција мора да ги исполни за да ја добие помошта во милијарди од специјалните фондови на Европската унија и ММФ.

Работа на црно

Меѓу нив спаѓа и борбата против, широко распространетата работа на црно во Грција. Министерот за вработување Јанис Вруцис се закани дека „сега отчукува часовникот“. Повеќе од 1000 службеници во моментов се контролираат ширум земјата. Претходно министерот задолжен за реформите Киријакос Мицотакис најави дека ќе ја укине привилегијата за државните службеници воведена во 1989 година, тие да добиваат по шест денови повеќе одмор годишно, доколку работат повеќе од пет часови дневно на компјутер. Синдикатот на административците меѓутоа најави дека ќе поднесе тужба против тоа.

По летната пауза, премиерот Андонис Самарас го чека многу работа. Утре тој се очекува во Брисел, за јасно да порача дека не смее да постои натамошен притисок за дополнителни штедења, јавуваат грчките медиуми. Грција повеќе не би можела да поднесе мерки, се стоело на „стаклени нозе“.