1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Државнички потег во партиски костум?

АТ/ танјуг/ бета/ б92/ дневник8 јули 2012

Претседателот на Демократската партија на Србија Борис Тадиќ на Кроација-самитот првпат се ракуваше со премиерот на Косово Хашим Тачи. Иако Тадиќ не ја претставува официјално Србија, потегот наиде на различни реакции.

https://p.dw.com/p/15TfO
Фотографија: AP

Лидерот на Српската напредна партија Александар Вучиќ вели дека секој во Србија има право на своја партиска политика, но дека партиската политика на Демократската партија е различна од онаа која ја има неговата партија.

Претседателот на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ пак беше многу поостар кон екс претседателот Тадиќ: „Кој овде кого го зафркава, кој се шали со кого, нека се изјасни Демократската партија. Не може Демократската партија да има две политики, една за во владата, друга за во опозиција... Не знам кој е која фракција во Демократската партија, но ова ги мина сите мерки“, рече Дачиќ.

Мандатарот за состав на нова вада смета дека Тадиќ, како партиски функционер, со својот потег само му дал легитимитет на Тачи, за кого, како што рече постои сомнеж дека учествувал во трговија со органи на Срби. Дачиќ потсети дека токму Демократската партија инсистираше на политиката, српски официјални лица да не учествуваат на конференции на кои има претставници од Косово. „Ако некој мисли дека тоа е доволно да се направи голема коалиција, тогаш се лаже, оти немам намера да го вратам мандатот. Или ќе се формира влада, или ќе се оди на нови избори“, додаде Дачиќ.

Ivica Dacic
Мандатарот Дачиќ жестоко го критикува ТадиќФотографија: picture-alliance/Photoshot

Од друга страна лидерот на Либерално деморактската партија Чедомир Јовановиќ оцени дека за регионот, Белград и Приштина е важен секој политички гест за релаксација на односите. „Во такво светло треба да се посматра она што се случи во Дубровник, но и да се признае дека станува збор на задоцнет чин, кој би имал многу поголемо значење за иднината на српско-албанските односи да се случеше пред неколку години“, рече Јовановиќ. Според негово мислење на тој начин требало да се реагира „летото мината година, кога наместо разционален дијалог беше избран патот на барикадите, конфронтации и секојдневен страв од судири“.

Отворен патот за состанок Николиќ и Јахјага

Загрепскиот аналитичар Давор Џенеро го спореди потегот на Тадиќ со потегот на германскиот канцелар Вили Брант кој почна да ги воспоставува односите и со источниот блок кој ја признаваше ГДР. Џенеро оцени дека потегот на Тадиќ е државнички и дека ја менува позицијата во која сите други носители на власт во Србија ќе донесуваат одлуки. „Тадиќ, на колегите на кои им ја препушти извршната и претставничка власт им отвори многу поголем политички простор за делување и го отвори патот за состанок на Николиќ со Јахјага, оти кога тој се ракуваше со косовскиот премиер, состанокот на двајцата претседатели не бил бил повеќе проблематичен, каков што беше до денес“, рече Џенеро.

Afitete Jahjaga
Претседателката на Косово Јахјага е подготвена за средба со српскиот претседател НиколиќФотографија: DW

Инаку косовската претседателка Артифете Јахјага изјави дека е подготвена за состанок со српскиот претседател Томислав Николиќ. „Ние единствено како легални и легитимни лидери на нашите држави, изразувајќи ја волјата на нашите граѓани, можеме да разговараме. Низ тој разговор да најдеме цврси и постојани решенија, кои значат мир и стабилност во  регионот и пошироко“, изјави Јахјага во интервју за новосадскиот весник „Дневник“.