1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Државно спонзориран допинг и на Западот

Б. Георгиевски/дв4 август 2013

Истражување на германски институт покажува дека и владата на Западна Германија поддржувала организиран допинг на спортистите. Таквата пракса, која досега и' беше припишувана на Источна Германија, траела 40 години.

https://p.dw.com/p/19JUj
Фотографија: Fotolia/Sven Bähren

Весникот „Зидојче цајтунг“ открива нови информации околу сознанијата за систематски допинг на спортистите кој постоел во поранешна Западна Германија. Неиздаден извештај пишуван од експерти од универзитетот Хумболд во Берлин, покажува дека Сојузниот Институт за спортски науки експериментирал со анаболични стероиди, тестостерон, естроген и други видови крвен допинг.

Од почетокот на 1970-те, спортистите во Западна Германија биле допингувани на систематски и организиран начин, открива „Зидојче цајтунг“. Студијата на 800 страници под наслов „Допингот во Германија од 1950 до денес“, во детали открива како биле користени допингот и истражувањата на таа тема во Германија.

Западногерманскиот систем на допинг не бил развиен како одговор на источногерманскиот, туку течел паралелно со него, наведуваат авторите на студијата. Неколку политичари знаеле за програмата.

Допингувањето се практикувало во голем број спортови, од индивидуални, па се‘ до групни како фудбалот. Колку бил распространет и колку чинел овој систем, засега се‘ уште се утврдува.

Deutschland Sport Doping Kontrolle Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/dpa

Според „Зидојче цајтунг“, неизвесно е и дали студијата која од Институтот ја нарачал Германскиот олимписки комитет ќе биде објавена. Од универзитетот Хумболд досега одбиваа да ја објават цитирајќи приватни причини.

Шокантната објава на „Зидојче цајтунг“ веќе испровоцира реакција и од некои политичари, па така шефот на пратеничката група на опозициската СПД, Томас Оперман, побара од министерот за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих веднаш да го одобри објавувањето на истражувањето.