1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дрогата - смртоносна дупка без дно?

21 јули 2009

Во Македонија во овој момент, официјално, има 8.600 зависници од дрога. Од нив две третини се млади на возраст од 15 до 30 години. Овие податоци на МВР за 2008 година според невладиниот сектор се нереални.

https://p.dw.com/p/Itj9
Зависник од дрогаФотографија: AP

Според невладиниот сектор, во целата земја има 30 до 50 илјади уживатели на дроги. Скопје, Тетово, Куманово, Битола и Струмица се центрите на наркоманијата во Македонија. Во минатата и во оваа година медиумите пресметале дека македонскиот пазар на дрога „тежи“ 50 милиони евра годишно, носејќи во смрт се повеќе млади животи. Само мината година, според Министерствотот за внатрешни работи животот го загубиле 18 лица.

Која е една од главните причини за порастот на наркоманијата?

Оливера Цветковска од Одделот за малолетничка деликвенција во Центарот за социјални работи во Тетово вели: „Транзицијата ја зафаќа долго време нашата земја, а сега и светската економска криза. Сите тие нервози што ги преживуваат родителите, било на работните места, било поради тоа што останале без работа, се пренесуваат дома. Децата не сакаат семејства, во кои има ситуација со нервози и бегството од неа го бараат на улица, или низ кафулињата. Таму се сретнуваат со исти деца со слични проблеми, кои им велат: ’Ајде, пробај да видиш, се ќе заборавиш, сите маки, се’ ќе ти биде убаво’. Ќе пробаат еднаш, уште еднаш – и така влегуваат во тие ’лоши води’.“

„Го видов пеколот“

Drogen Heroin Symbolbild
Фотографија: picture-alliance / dpa

Еден триесет годишник, сега веќе излекуван зависник од дрога од Тетово, користејќи го псевдонимот „Дин“, за Дојче веле објаснува какво е натамошното живеење на оние што ќе навлезат во ужасниот свет на дрогата: „Пеколот да го видиш е – кога ќе немаш дрога... Тоа е еден вид пекол – тоа го гледаш. Немаш дрога, не можеш да се ’најдеш’ себе си, не можеш да се фиксаш. Е, тогаш ти е најлошо. Ти доаѓа да се самоубиеш веќе. Не мислиш каде ќе се боцкаш, дали таа игла ќе ти биде последната – само да успееш да ја земеш и да се боцнеш! “

Во Тетово е регистриран 12 годишен зависник од дрога

Доктор Александар Коцевски, началник на Центарот за превенција и борба против дрогата во Тетово, нагласува: „Некои се навлекуваат на илегалните дроги, а некои, дури, и на разни лепила и други психооргански материи, кои можат да доведат до една друга свест, значи, една друга реалност и до тоа да се избега за кратко од реалноста. Најмладиот, кој побарал интервенција, или помош во нашиот Центар за превенција во Тетово има 12 години. Тој почнал да користи веднаш хероин.“

Drogen, Kokain
Фотографија: AP

Во Тетово, но и во другите градови во Македонија, дрогата и продавачите ги има безмалку во секоја населба. Алармот во регионот, но и во целата земја, е вклучен на највисоко ниво. Во Тетовско се интензивираат дејствувањата на полицијата, училиштата, на медицинските работници.

Борислав Павловски, локален координатор за борба против зависностите од дроги, вели дека од оваа есен стартува акционата програма против ова зло, со заедничка координација на сите општествени чинители. „Со почетокот на новата учебна година од овој септември ќе се започне со реализирање на училишната програма за превенција прво во медицинското, а потоа и во сите средни училишта во Тетово.“

Колку ќе бидат поуспешни резултатите на државните институции и невладините организации, со вклучување и на родителите, толку помалку млади и воопшто човечки животи ќе се губат, пропаѓајќи во оваа смртоносна дупка – без дно.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска