1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дуели на великаните во Лигата на шампионите

19 март 2010

Два големи дерби натпревари ќе донесе четвртфиналето во фудбалската Лига на Шампионите. Ништо помалку интересно нема да биде ниту во четвртфиналната фаза на Лигата на Европа.

https://p.dw.com/p/MXWq

Денешната (19.03.10) жрепка во битката за пласман меѓу четирите најдобри на стариот континент ги спротивстави германскиот гигант Бајерн Минхен и актуелниот англиски првак Манчестер Јунајтед. Во римеч на славното финале на Европскиот куп од 1999 година, Бајерн ќе добие шанса да се одмазди за поразот од Манчестер. Првиот натпревар ќе се игра во Минхен. „Ни се падна многу тежок, но атрактивен противник“, изјави претседателот на Бајерн, Карл Хајнц Румениге.

Победникот од овој дуел во полуфиналето ќе се соочи со подобриот од француската пресметка меѓу Лион и Бордо. Жрепката сакаше двата најдобри француски тима да ја продолжат битката за приматот во домашното првенство и на европската сцена.

На македонскиот репрезентативец Горан Пандев му се исполни желбата, и неговиот Интер во четвртфиналето ќе се соочи со московска ЦСКА. Во интервју за денешен „Дневник“, Пандев за противник го посака токму рускиот тим. Доколку биде поуспешен, Интер во полуфиналето го очекува подобриот од дуелот меѓу Барселона и Арсенал. Тој меч ќе биде реприза на финалето од 2006 година, во кое каталонците го совладаа лондонскиот тим со 2:1 во Париз.

Flash-Galerie Champions League März 2010
Горан Пандев во натпреварот против ЧелзиФотографија: AP

Интер, Лион, Баерн и Арсенал се домаќини на првите натпревари што ќе се играат на 30 и 31 март, а реванш натпреварите се на 6 и 7 април. Финалето се игра на 22 мај во Мадрид.

Жрепката го отвори патот и за можно повторување на минатогодишното финале во кое се сретнаа Барселона и Манчестер Јунајтед.

Лига на Европа

Ништо помалку интересно нема да биде ниту во четвртфиналната фаза на Лигата на Европа. Великаните на европскиот фудбал, португалската Бенфика против англискиот Ливерпул, како и шпанските ривали Валенсија и Атлетико Мадрид ќе се пресметаат меѓусебно за пласман меѓу четирите најдобри, а победниците од тие дуели и за влез во финалето, кое годинава се игра во Хамбург.

Двата германски тима добија релативно полесни противници. Актуелниот првак Волфсбург ќе игра против англискиот Фулам, додека Хамбургер ќе се соочи со белгискиот Стандард. Победниците од овие два дуели ќе решаваат меѓусебно за пласман во финалето, што остава можност и за германска пресметка, слично како и лани.

Првите натпревари се играат на 1 април, а реваншите се седум дена подоцна. Полуфиналните дуели ќе се одиграат на 22 и 29 април, а финалето ќе се одигра на 12 мај во Хамбург.

Автор: БГ/АТ/ројтерс

Редактор: Александра Трајковска