1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДУИ го напушти парламентот поради Арачиново

24 јануари 2008

Пратеничката група на Демократската унија за интеграција ја напушти собраниската седница затоа што не беше прифатено нејзиното барање министерката Јанкуловска да даде информација за убиството на Насер Небиу.

https://p.dw.com/p/Cx44
Собраниската сала во СкопјеФотографија: picture-alliance/ dpa

Убиството на Насер Небиу, што се случи на 22.01.2008 година во селото Арачиново, доби политичка димензија. Пратениците на ДУИ си заминаа од собраниската сала во знак на протест поради тоа што не беше прифатено нивното барање - министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, да поднесе информација за тоа што се случувало во Арачиново.

ДУИ поради настанот во Арачиново, во парламентот остро ги нападна Министерството за внатрешни работи, Владата и Демократската партија на Албанците. Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Рафиз Алити, обвини дека „од страна на МВР во Македонија се формираат парамилитарни структури кои егзекутираат граѓани без оглед на тоа дали имаат потерница или не.“ Опозиционата партија на Али Ахмети смета дека ДПА, која е на власт, не ги штити правата на Албанците во Македонија. ДПА, пак, во име на владата рече дека нема да се трпат криминал и корупција. Агим Рамадани, пратеник на ДПА, изјави: “За нив треба да има и има нула толеранција.“

Советот на Арачиново ја замрзнува комуникацијата со МВР, ОБСЕ, ЕУ и НАТО

Информација од МВР за настаните во Арачиново и убиството на Насер Небиу, бара и Советот на општина Арачиново. Советот донесе одлука да ги замрзне сите односи со МВР, но и со канцелариите на ОБСЕ, ЕУ и НАТО во Македонија, додека во селото не дојде министерката Јанкуловска и високи делегации на овие институции за на граѓаните не им објаснат кои се причините за полициската акција.

Полицијата го бараше Небиу по потерница заради доотслужување на затворската казна за силување две девојки, кражби и насилство, а особено за сомневањето дека учествувал во убиството на припадникот на полициските специјални единици – Тигри, Зоран Марковски. Семејството и соседите на Небиу тврдат дека тој бил сурово егзекутиран во дворот на неговата куќа без да дава отпор. Полицијата соопшти дека убиениот не ја послушал наредбата на полицајците да го предаде оружјето и бил застрелан кога се обидел да избега со своето возило.