1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дунав - река што ја обединува Европа

Верица Спасовска/ Александра Трајковска 30 ноември 2012

Од Германија до Црното Море Дунав минува низ десет земји. ЕУ посакува тој да стане обединувачка врска во регионот во кој живее речиси четвртина од европското население. На конференција во Регенсбург беше извлечен биланс.

https://p.dw.com/p/16t95
Фотографија: picture alliance / dpa

Дунавските Шваби се поим во цела југоисточна Европа. Доселениците од Германија во 17. век се населија во панонската висорамнина, по должината на Дунав. Тие донесоа стопански полет и претставуваа врска меѓу нивната стара татковина и соседните држави. Втората Светска Војна и Железната завеса потоа ги одделија земјите по текот на Дунав.

Последиците се чувствуваат до денес: се користат само десет проценти од транспортните патишта по вода. Регионалната соработка на многу места е несвојствена. Соседни земји како Бугарија и Романија повеќе тргуваат со Германија, отколку меѓусебно, бидејќи недостасуваат сообраќајни патишта, како на пример мостови на Дунав. Земјите низ кои минува Дунав се конфронтирани со еколошки проблеми, несигурно енергетско снабдување, лоша инфраструктура и недостиг на перспективи за младата генерација.

Се создава пазар

Таканаречената Стратегија за подунавскиот простор на Европската унија би требало да помогне да се зајакне соработката меѓу државите во овој регион. Централна точка се проектите, а заштита на животната средина, културата, науката, безбедноста, енергијата и пред се’ стопанството. Ова се однесува на осум земји членки на ЕУ: Бугарија, Германија, Австрија, Чешка, Унгарија, Словачка, Словенија, како и земјите кои не се членки на ЕУ - Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Молдавија и Украина.

Една година откако Европскиот совет ја усвои стратегијата, иницирани се голем број проекти, меѓу другите од германската покраина Баден Виртемберг, каде Дунав извира како мала рекичка и каде денес живеат речиси 300.000 луѓе од подунавските држави.

Освен обука на административци и обука на стручни лица, со универзитетите во Словачка, Србија и Романија се формирани четири технолошки центри. Нивна задача е: трансфер на знаењето од универзитетите на претпријатијата во регионот. Тоа исто така е од интерес на Германија, смета министерот за Европа на германската покраина Баден Виртемберг, Петер Фридрих: „Мора да развиеме стручен кадар, бидејќи со оглед на демократскиот развој на нашата земја нема да бидеме во состојба да подигнеме стручњаци, кои ни се потребни. Тука расте еден пазар. Не сакаме да организираме брејндрејн, туку во земјите сакаме да развиеме функционални стручњаци“.

Структурни проблеми

За Стратегија за подунавскиот простор нема дополнителни субвенции од ЕУ. Имено, средства има доволно. Меѓутоа, многу југоисточно европски земји, пред се’ Романија, бавно ги користат средствата од структурниот фонд. Главна пречка: на многу места администрацијата е лошо организирана и бирократијата е трома. Корупцијата во рамките на овие структури, од агол на средните германски претпријатија, исто така е голем проблем за инвестиции на германски фирми во регионот.

Дополнителни финансиски шприцови од страна на германската влада регинот не може да очекува, јасно кажа канцеларката Ангела Меркел. Европа мора да научи да се придржува на усвоените заклучоци. За тоа Стратегијата за подунавските земји може да биде добар пример: „Затоа добро ќе погледнеме што е предвидено со Стратегијата за подунавските земји? Што е реализирано? Во Европа мора да се научи дека оние кои имаат најдобра квота на реализација, ќе бидат и наградени. А оние кои секогаш прават нешто друго од она што го ветиле, исто така мора да почувствуваат дека тоа не оди така“.

Jahresforum zur EU-Donauraumstrategie
Ангела МеркелФотографија: picture alliance / dpa

Потенцијали за пораст по течението на Дунав

И овој регион ги чувствува последиците од европската финансиска криза. Земјите по течението на реката мора да научат да ги користат своите ресурси поефикасно. Клучот лежи во регионалната соработка, смета европскиот комесар Јоханес Хан:„ Со оглед на финансиската криза, во Европа е неопходен пораст, отворање работни места. Притоа, токму подунавскиот регион треба да се земе во фокусот. Имено, таму потенцијалите за пораст може да настанат со тесна соработка, од Баден Виртемберг до Молдавија“.

Дотаму има уште многу пат. Се’ уште многу земји низ кои минува Дунав котираат високо на листата земји со најголем број иселувања во Европа. Меѓу нив спаѓаат Србија и Романија - овојпат во обратен правец отколку пред 300 години.