1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Frühjahrsgutachten

24 април 2009

Водечките економски институти од Германија, Австрија и Швајцарија и’ предвидуваат на Германија економски пад од непознати размери. Стопанството, годинава, ќе опадне за шест насто, најмногу од основањето на СР Германија.

https://p.dw.com/p/Hcfy
Пад на стопанството во ГерманијаФотографија: DW-Montage

Во изминатите осум години, економските институти изработија 16 извештаи за идниот стопански развој - прогнозата им беше точна само еден единствен пат. Речиси секогаш, тие на иднината гледаа премногу розово и ги преценуваа потенцијалите за пораст. Но, може да се стравува дека овојпат се во право - германската економија е во длабока криза.

Прашање е дали, кога ќе се достигне дното, конјуктурата ќе тргне во обратен тренд и брзо ќе се опорави или ќе има долга фаза на стагнација. Не е за потценување опасноста, дека германската економија може да ја снајде слична судбина како јапонската, која, по кризата во 90-тите години, речиси една деценија се наоѓаше во фаза на стагнација.

Можни се досега невидени последици

Ако експертите се во право, околу еден милион луѓе најверојатно ќе останат без работа. Последица од тоа би можело да биде досега невидено намалување на потрошувачката. Имено, кој стравува за работното место, ќе си ги чува и паричките. Ако изостане побарувачката, претпријатијата нема да гледаат причина да инвестираат или да ги полнат магацините. За да ја заживеат побарувачката, би можеле да дојдат на идеја, не само да ги намалат трошоците, туку и цените. Тогаш би влегле во фаза од која економистите бегаат како ѓавол од темјан: атентизам. Имено, кога луѓето ќе сфатат дека цените паѓаат, дури тогаш нема да трошат - ќе чекаат, дали цените и натаму ќе се намалуваат. Последицата би била спирала надолу која се опишува со еден збор - дефлација.

Frühjahrsgutachten Die Chefs führender Wirtschaftsforschungsinstitute in Deutschland
Шефовите на водечките економски институтиФотографија: picture-alliance/ dpa

Оваа опасност ја гледаат и институтите. Тие енергично советуваат злото да се исече од корен и прво да се санираат банките. Ако не се решат билансните ризици и проблемите со сопственичкиот капитал на финансиските институти, повторно би дошло до губење на довербата, пишуваат институтите во анализите. Последица би било ново намалување на нарачките и производството. „Тогаш не би било неверојатно запаѓање во надолна светска спирала на дефлација“ се вели буквално во прогнозата.

Рецептот на економите е едноставен и јасен

Најитна задача на политиката е да ја поттикне рекапитализацијата на банките. Доколку е неопходно, финансиските куќи би требало да бидат и принудени да прифатат државна помош. Европската централна банка треба да ја придружува оваа акција, со тоа што уште еднаш драстично ќе ја намали каматната стапка од сегашните 1,25 на 0,5 проценти. Ако ова не е доволно, таа би требало да преземе неконвенционални мерки, на пример да ги откупи државните или заемите на претпријатијата.

Ова се јасни зборови, кои се на место во време на криза. Имено, во секоја криза се крие и шанса. Шанса, политиката посериозно да ги сфати советите на економистите отколку порано, кога анализите редовно исчезнуваа во фиоки и служеа само како основа за премногу оптимистички проценки за идните даночни приходи на државата. Од друга страна, економистите од почетокот на финансиската криза загубија многу од угледот, оти никој од браншата не ја предвиде длабочината и вистинските размери на оваа криза. Со ова укажување политиката би можела да ги игнорира сите совети на еснафот, и наместо брзо опоравување, да предизвика економијата да влезе во фаза на долга стагнација.

Автор на коментарот: Ролф Венкел

Превор: Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска