1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еврогрупата расправа за грчките долгови

ЕМФ/дв3 декември 2012

Еврогрупата треба да постигне согласност околу деталите на идниот финансиски трансфер со којшто на Грција би требало да и‘ се гарантира платежна способност. Ова е услов за натамошна помош за Грција.

https://p.dw.com/p/16ucM
Фотографија: dapd

Министрите за финансии на земјите од еврозоната денеска во Брисел ќе разговараат околу грчките долгови. Еврогрупата треба да постигне согласност околу деталите на идниот финансиски трансфер со којшто на Грција би требало да и‘ се гарантира платежна способност. Грчкиот министер за финансии Јоанис Стурнарас на средбата треба да даде извештај за програмата, според која грчката влада би ги купувала назад сопствените обврзници за да го намали притисокот на долговите. Тоа е услов за давање на натамошна помош на Атина. На Грција би требало да и‘ бидат исплатени 43,7 милијарди евра, од кои 34,4 милијарди уште во текот на месецов.

Германската канцеларка Ангела Меркел вчера изјави дека не исклучува можност за уште едно простување на долговите на Грција во текот на наредните години. „Ако Грција еден ден успее да излезе на крај со своите приходи без да мора наново да се задолжува, тогаш ќе мора повторно да ја разгледаме и оцениме состојбата“, рече Меркел за „Билд ам Зонтаг“. Германската влада досега им припаѓаше на жестоките противници на можноста за простување на дел од долговите на Грција, за што инаку во еврозоната се водат жестоки дискусии. Застапниците на оваа опција сметаат дека Грција само така може да застане повторно на нозе.