1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еврокризата „удира“ по здравјето на граѓаните

ЖА/дв/ртре/апд27 март 2013

Здравствените експерти ѕвонат за тревога: драстичните мерки за штедење поради економската и должничката криза во Европа предизвикуваат враќање на болести кои долго важеа за искоренети.

https://p.dw.com/p/184sr
Фотографија: picture alliance/dpa

Здравствените експерти ги обвинуваат политичарите во Европа за негирање на последиците од најновите програми за штедење врз здравјето на граѓаните:

„Мерките за штедење не ги решија економските проблеми, а предизвикаа големи здравствени проблеми“, ја резимира Мартин МекКи најновата студија на оваа тема во стручниот магазин „Лансет“. МекКи е професор по европско јавно здравство на Лондонскиот факултет за хигиена и меѓународна медицина. Влошеното здравје на населението не е последица само на растечката невработеност, туку и на, во меѓувреме „проретчените“, социјални мрежи во најсилно погодените држави од кризата - Грција, Шпанија и Португалија. Но, луѓето не треба да губат надеж да добијат помош во овие тешки времиња од нивните влади, вели МекКи.

Martin McKee
Здравствениот експерт Мартин МекКиФотографија: picture-alliance/dpa

Во Грција бројот на самоубиства во 2011 година во однос на претходната, според МекКин, пораснал за 40 проценти. Лани е забележан пораст и на ХИВ - заболувањата, меѓу другото поради тоа што зависниците од дрога по укинувањето на програмите за помош повторно почесто разменуваат контаминирани шприцеви меѓу себе. Освен тоа, во Грција во 2011 година изби маларија, Денга-треска и Западнонилска треска.

„Ова се болести кои нормално веќе ги нема во Европа“, дополнува генералниот директор на Лекари без граници, Виљем де Јонг. Портпаролот на Европското биро на Светската здравствена организација Ханс Клуге поради тоа одвраќа од радикални здравствени реформи во ситуација на економска криза:

„Европската комисија преку договор е обврзана да го проверува влијанието на својата политика врз здравјето на луѓето“, вели МекКи. Но, при досегашните мерки за штедење тоа не беше случај. Тој го споредува односот на Комисијата и одделни држави во ЕУ со замаглувачката тактика на тутунските концерни.