1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еврокризата ја погоди Астурија

Јулија Хенрихман / Зоран Јордановски14 август 2012

Со недели штрајкуваа рударите во шпанската област Астурија - против владиниот план за штедење со кој е предвидено намалување на субвенциите за една третина. Дали овој регион полека изумира?

https://p.dw.com/p/15amL
Фотографија: dapd

Тажен поглед врз она, од што живееја сите со генерации наназад - рудникот за јаглен. Јамата Кандин не работи. Во неа неодамна се забарикадираа четворица рудари протестирајќи против кратењата наметнати од владата.

Горе Хозе Мариа Суарес се среќава со неколкумина рудари. Тие сакаат да им дадат подршка на рударите во јамата. „Ако ги затворат рудниците, веќе ќе нема работа за нас. Овде нема ништо друго. Многу ни беше ветено, но со зборови не се создаваат работни места. За петнаесет години не настана ништо ново. Не знам зошто, но фирмите што доаѓаа, секогаш донесуваа работа само за кратко време, а потоа се селеа, а ние секогаш продолжуваме како и досега“, вели Суарес.

Неконкурентност на шпанските рудници

Проблемот е дека шпанските рудници се речиси неконкурентни, па и покрај тоа рударите се лути дека кратењата доаѓаат толку ненадејно, додека истовремено шпанските банки треба да бидат поддржани со свежи пари од Брисел.

„Како е можно да има милиони за банките, а нам треба повторно да ни биде одземено она што всушност ни припаѓа и што е одамна јасно и договорено? Илјадници семејства би останале на улица, а банките ќе бидат спасени“, се прашува рударот Мојзес Фернандес.

Madrid Spanien Protest Demonstration Bergarbeiter
Протести на рударите во МадридФотографија: dapd

Многумина се веќе резигнирани, ја напуштија јамата и останаа дома. Хозе Мариа Суарес е рудар, како и татко му, дедо му и прадедо му. Сопругата го поддржува во работничката борба. Како чистачка таа заработува само 600 евра месечно. Децата имаа распуст, но годинава отпаѓа летување. Поради штрајкот нејзиниот сопруг со недели веќе не заработува ни еден цент.

„Немаме пари да си ги платиме долговите. За струја, за куќата, за јадење... имаме три деца, јадат - а исхраната е важна. Ми треба и автомобилот за да дојдам на работа и мораме тоа да го платиме, бензинот, сето тоа секој месец“, објаснува сопругата на Хозе, Мари Суарес.

„Имам сестра која веќе си отиде одовде, еден куп пријатели исто така се отселија во Мадрид и Барселона поради работа, оти овде нема ништо. Дали е тоа иднината на Астурија, сите луѓе да мораат да си одат?“, вели Хозе.

Хозе Мариа Суарес е овде роден и сака тука да остане. Пред 15 години само во долината Лангрео живееја 20 илјади луѓе. Сега останаа само 4 илјади.

Кризата ги погодува сите

Ниту индустрија, ниту туризам, работа има само во рудниците.

Madrid Spanien Protest Demonstration Bergarbeiter
Фотографија: dapd

Во селото рударите добиваат поддршка од сите страни. „Јас практично живеам од нив, ако ги нема нив, тогаш не‘ нема и нас. Сите живеат од рударите, баровите и кафулињата, оти тие таму излегуваат на јадење и пиење. Ние некако сите зависиме едни од други, ако тие сега не успеат, тогаш сите ќе пропаднеме. Ако мораат да си одат, тогаш одиме и ние“, вели сопственикот на едно кафуле.

И во соседното кафуле има само една тема - на шанкот или во весниците, сеедно: штрајкот на рударите. Полека 36-годишниот Хозе станува заморен од неработењето.

„Сите се надеваме дека владата конечно ќе сфати што се случува овде, пред се’ со нашите другари кои се забарикадираа во јамата. Ним навистина не им лесно, но тоа е единственото оружје што го имаме - да продолжиме и да се бориме за она што ни припаѓа. Не очекуваме ништо необично, туку само она што е одамна ветено и потпишано“, вели Хозе.

Хозе Мариа Суарес и другарите кои опстојуваат во јамата сакаат рудникот и натаму да добива поддршка.