1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа - блиску и далеку

Горан Петрески5 јуни 2007

Македонската влада интензивно се подготвува за состанокот на Комитетот за стабилизација и асоцијација што треба да се одржи во Брисел на 14 јуни. Опозицијата критикува дека власта ја уназадила земјата на европскиот пат.

https://p.dw.com/p/AoNB
Фотографија: AP

Официјално Скопје смета дека претстојниот состанок во Брисел ќе има влијание врз годишниот извештај на Европската комисија за Македонија, што треба да биде објавен во ноември годинава, а е важен за добивање на датумот за старт на преговори за членство. Одбивајќи да прецизира кога очекува да почнат преговорите, ресорната министерка Габриела Коневска Трајковска, објаснува кои се клучните прашања за извештајот од Европската унија да биде позитивен – целосен напредок во политичките критериуми, функционирање на институциите на системот и поставени постулати на функционална пазарна демократија:

Mazedonische Vizeministerpräsidentin Gabriela Konevska Trajkovska
Габриела Коневска ТрајковскаФотографија: MIA

“Општа оценка е дека над 80% ги исполнува очекувањата кои што ЕУ во овој временски период од нас ги бара, а ако продолжиме со оваа динамика, ќе имаме доста добра и позитивна оценка од страна на Брисел по однос на исполнување на приоритетите од ЕУ“, изјави Коневска Трајковска.

Коневска тврди дека од политичките критериуми е забележан напредок во борбата против корупцијата, особено во делот на нелегалното придобивање богатство и финансискиот криминал, реформите во полицијата и во законот за кривична постапка, стратегијата за правична застапеност и новите пасоши. Од економските критериуми, според Коневска, Брисел за успешни ги смета регулаторната гилотина, проектите за привлекување странски инвестиции, слободните трговски зони.

Radmila Sekerinska von der SDSM Partei in Mazedonien
Радмила ШеќеринскаФотографија: Petar Stojanovski

Нејзината претходничка, опозиционерката Радмила Шеќеринска се согласува дека земјата напредува во евроинтегративниот процес. Владата прво го пролонгираше датумот за старт на преговорите за членство, сега воопшто не зборува за тоа, вели Шеќеринска обвинувајќи ја владата за целосен застој на евроинтегративниот процес: “Жалам што Македонија во овој период запишува минуси на своето конто, во период кога и ЕК и земјите членки на унијата кажуваат дека треба да ги удвоиме напорите за да добиеме датум на преговори и за да добиеме членство во ЕУ. Ние Македонија ја прикажуваме во понеповолно светло отколку досега. Мислам дека премногу се свртевме кон некои други теми, кон популизам, кон убедување на јавноста дека одиме во вистинска насока, а притоа заборавивме да чекориме“, изјави за Дојче Веле, Радмила Шеќеринска. Утре на специјална седница, владата ќе расправа за евроинтегративниот процес.