1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа во одбрана на македонските еколози

Горан Петрески5 февруари 2009

Велешката топилница не смее да проработи ако не ги исполни строгите еколошки критериуми пропишани со закон, предупредува Европската комисија. Таа постојано ќе ја следи еколошката ситуација во Велес.

https://p.dw.com/p/GnUq
Велес има проблеми со загадувањетоФотографија: Petar Stojanovski

Во допис до македонските екологисти еврокомесарот за животна средина Ставрос Димас застанува целосно зад борците против опасниот велешки загадувач. Комисијата ќе ја следи ситуацијата и постојано ќе ја оценува сериозноста на вашите власти во поглед на спроведувањето на законите, стои во писмото од надлежниот директорат во Европската комисија.

Експресно реагирање на ЕК

„Зелената коалиција“ во Македонија доби сојузник во Комисијата откако пред неполн месец екологистите испратија писмо, во кое го информираа еврокомесарот за животна средина за загрижувачката состојба со велешкиот загадувач и можноста фабриката да биде рестартирана. Десет дена по приемот на писмото, делегација од Генералниот директорат за екологија на ЕК во Скопје се сретна со претставници на Министерството за екологија. Македонските власти ги уверуваа европските претставници дека тополницата нема да проработи ако не ги исполни строгите критериуми пропишани со закон.

„По она што се случуваше во ОКТА, знаеме дека ЕК експресно дојде во Скопје, слично беше и по известувањето за случувањата во Велес. Мислам дека ЕК насетува дека во Македонија многу често се случуваат заобиколувања на правата на луѓето да живеат во здрава животна средина“, вели Ненад Коциќ од Еколошкото друштво „Вила Зора“.

EU Umwelt Stavros Dimas EU-Kommissar für Umweltpolitik
Еврокомесарот за животна средина Ставрос ДимасФотографија: picture-alliance/ dpa

Последици од загадувањето во Велес

Екологистите, поддржани од лекарите, го кренаа гласот против загадувањето на Велес. Фабриката не работи неколку години но последиците уште се чувствуваат. Статистиката бележи пораст на бројот на тешки заболувања.

Доктор Лилија Чолакова Дервишова објаснува:

„Она што најмногу не‘ погодува е бројот на заболени од леукемии, постои и заболување Хочкинс, каде се нападнати жлездите, хематолошкиот, одбранбениот систем. Бројот на луѓе со овие болести е во пораст.“

Тридецениското загадување на градот остава траги и врз новите поколенија, се раѓаат деца со аномалии.

Неодамна Велешката топилница доби нови сопственици, кои најавија дека ќе ја рестартираат фабриката и притоа се обврзаа да ги почитуваат еколошките норми. Но, исполнувањето на еколошките стандарди е многу скапо, па веројатно поради тоа фабриката се‘ уште не работи.